Seda Sevencan
12 Ноември 2023•Ажурирај: 13 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесу, рано утрово изјави дека организацијата ја изгубила комуникацијата со своите контакти во болницата Ал-Шифа во Појасот Газа, јавува Анадолу.
„СЗО изгуби контакт со своите централни точки во болницата Ал-Шифа во Газа, при застрашувачките јавувања дека болницата се соочува со повторни напади“, истакна Тедрос преку платформата X.
„Има јавувања дека во некои од оние кои сакале да избегаат од болницата било пуканo, биле ранети или убиени. Последните извештаи велат дека болницата била опколена со тенкови“, додаде тој.
Изразувајќи загриженост за безбедноста на здравствените работници и пациентите, вклучително и бебињата на апарати за одржување во живот, тој повика на итен хуманитарен прекин на огнот во енклавата како „единствен начин да се спасат животите и да се намалат ужасните нивоа на страдање“.
„СЗО, исто така, повикува на постојана, непречена и безбедна медицинска евакуација на критично повредените и болните пациенти. Сите заложници мора да добијат соодветна медицинска нега и безусловно да бидат ослободени“.
Израелските сили вчера повторно ја бомбардираа болницата Ал-Шифа во Газа, овој пат цел беше Одделението за интензивна нега, при што беа повредени неколку здравствени работници, а некои бебиња беа изложени на ризик од смрт поради недостигот на кислород по прекинот на електричната енергија во болницата.
Палестинската министерка за здравство Маи ал-Каила изјави дека 39 бебиња на интензивна нега во болницата Ал-Шифа се во „опасност по живот поради недостиг на кислород“.
Таа рече дека 20 од 35 болници во Газа не работаат од 7 октомври поради израелските напади и недостигот на гориво.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа, вклучително и врз болници, домови и места за богослужба, по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври.
Досега во израелските напади загинаа најмалку 11.078 Палестинци, од кои 4.506 деца и 3.027 жени. Според официјалните податоци, бројот на загинати во Израел е околу 1.200.