Ömer Faruk Yıldız
12 Април 2022•Ажурирај: 13 Април 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека во Украина досега се извршени 108 напади врз здравствените установи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на СЗО, Бану Батнагар, на прес-конференција во седиштето на ОН во Женева зборуваше за најновите случувања во здравствениот систем и медицинската помош во регионот.
Батнагар рече дека Системот на СЗО за следење на нападите врз здравствените установи потврдил 108 напади од 24 февруари, во коишто загинале најмалку 73 луѓе, а 51 биле повреден.
Тој истакна дека СЗО продолжува со испраќање медицинска помош, и дека досега на тоа подрачје се испратени 216 тони итна помош и медицински материјал.
Батнагар појасни дека 122 тони од таа помош биле испратени во градовите на истокот и северот, што биле најмногу погодени од војната.
Додаде дека прават сè што можат за во Киев да биде отворена канцеларија на СЗО.
„Особено е важно да бидеме присутни во главниот град. На тој начин можеме да стигнеме до соседните подрачја, да ги задоволиме медицинските потреби и да бидеме почесто во контакт со владините претставници“, рече Батнагар.
Тој додаде дека планираат да го прошират центарот во Днепар.
Најави продолжување на медицинската помош за Украина, објаснувајќи дека во наредните денови за неколку болници ќе бидат обезбедени 15 генератори и 20 амбулантни возила.
Според неговите зборови, околу 300 здравствени установи се на линијата на конфликтот, а повеќе од 1.000 се напуштени поради конфликтот, поради што е отежнато обезбедувањето здравствени услуги на тоа подрачје.
Од друга страна, Светската програма за храна (WFP) соопшти дека треба да обезбеди 590 милиони долари помош за 3,1 милион луѓе погодени од кризата во Украина во следните три месеци.