Ekipa
21 Септември 2017•Ажурирај: 21 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Севернокорејскиот министер за надворешни работи, Ри Јонг Хо, заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ја уништи нивната земја, ги нарече кучешки лаеж, пренесува Anadolu Agency (AA).
Забелешката е прв одговор на Северна Кореја на дебитантскиот говор на Трамп пред Генералното собрание на ОН во вторникот, за време на кој тој вети дека целосно ќе ја уништи Северна Кореја, доколку биде предизвикан, а нивниот лидер Ким Џонг-ун го нарече човек-ракета.
Hо на новинарите во Њујорк синоќа им рече: „Тоа е кучешки сон, ако има намера да нѐ уплаши со кучешки лаеж“.
Јужнокорејските ТВ-снимки исто така го прикажуваат Хo, кој вели дека му е жал за соработниците на Трамп, како одговор на прашањето да го прокоментира тоа што Трамп го нарече севернокорејскот лидер човек-ракета. Хo в петок треба да одржи говор на Генералното собрание на ОН.
Трамп даде многу остри изјави за Северна Кореја, вклучувајќи го и неговото предупредување во август оваа година, дека Пјонгјанг ќе се соочи со оган и бес. Северна Кореја одговори со неколку нуклеарни проби.
Претходно овој месец, Северна Кореја го изврши својот шести и досега најмоќен нуклеарен тест и испука балистичка ракета којашто прелета над Јапонија. Потоа Советот за безбедност на ОН наметна нови тешки санкции кон Пјонгјанг, што предизвика бес во Северна Кореја.