Riyaz Khaliq
25 Септември 2020•Ажурирај: 26 Септември 2020
АНКАРА
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун упати извинување на Јужна Кореја поради убиството на официјален претставник кој се водеше за исчезнат во пограничниот регион, објавија локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во формален допис до Јужна Кореја, Ким изрази жалење поради инцидентот и разочарувањето кое го доживеале јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин и неговиот народ.
Јужнокорејската војска вчера соопшти дека службеник на Министерството за океани и риболов исчезнал во понеделникот во водите покрај западниот пограничен остров Јеонпјеонг и дека тој бил убиен од севернокорејската армија, која потоа го запалила неговото тело.
Шефот на јужнокорејската национална безбедност, Сух Хун, изјави дека севернокорејските власти му доставиле на официјален Сеул информации за текот на истрагата во врска со инцидентот.
Северна Кореја призна дека армијата испукала најмалку десет истрели и го убила јужнокорејскиот службеник кој се нашол во водите на Северна Кореја, но ги негира обвинувањата за палење на телото.