Gamze Türkoğlu Oğuz
02 Април 2019•Ажурирај: 03 Април 2019
СЕУЛ (АА) - Ден по вестите дека Северна Кореја има недостиг на резерви со храна и девизи, медиумите од Сеул пишуваат дека властите на Северна Кореја праќаат десетици илјади работници на привремена работа во Кина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Весникот „Чолсунилбо“ („Cholsunilbo“) пишува дека најмалку 70.000 Севернокорејци се подготвуваат со двомесечна туристичка виза да одат во Кина за да заработат пари за режимот на Ким Џонг Ун.
Режимот на Ким Џонг Ун е соочен со меѓународни санкции поради нуклеарната програма, а санкциите им забрануваат на членките на ОН вработување на лица од Северна Кореја.
Медиумите од Сеул наведуваат дека властите на Кина на работниците од Северна Кореја им издаваат туристички, а не работнички визи, и дека на тој начин тие многу често ги избегнуваат кршењата на санкциите на ОН.
„Северна Кореја во герилски стил ги праќа работниците на привремена работа во Кина. На Кина ѝ е потребна работна сила, а Пјонгјанг тоа со задоволство го нуди во вид на 70.000 работници“, наведува весникот од Сеул.
Работниците, како што се наведува, одат во три покраини на североисточниот дел на Кина во кои за 200 долари месечно работат во фабриките за текстилна и прехранбена индустрија, на градилиштата, во рестораните и сауните, а по враќањето дома, поголемиот дел од заработката им ја зема режимот на Ким Џонг Ун.
Вчера, јужнокорејските медиуми објавија дека Северна Кореја поминува низ голема криза на недостиг на резерви на девизи, храна и горива, и дека постоечките резерви не се доволни ниту за тековната година.
Севернокорејскиот амбасадор во Обединетите нации (ОН), Ким Сог, на 20 март им прати писма на меѓународните организации во кои бара итна хуманитарна помош во храна.