Ali Kemal Akan
21 Јуни 2017•Ажурирај: 22 Јуни 2017
БРАЗАВИЛ (AA) - Заменик-премиерот на Република Турција, Нуман Куртулмуш, изјави дека се надева оти народите на Африка во полна смисла ќе ја користат својата политичка и економска независност и оти силните африкански земји ќе бидат верни партнери на земјите како Турција коишто го поддржуваат воспоставувањето на глобалниот мир, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Република Конго, Клемент Мауамба, во седиштето на владата на таа земја во Бразавил го прими турскиот вицепремиер Куртулмуш, кој престојува во официјална посета на оваа африканска земја.
По состанокот зад затворени врати, Куртулмуш за новинарите изјави дека средбата била конструктивна и се разговарало за интензивирањето на билатералните односи.
Куртулмуш изјави дека новоизградениот Меѓународен конференциски центар во Бразавил е еден од конретните примери за соработката меѓу Турција и Конго, и додаде дека Турција е подготвена за секаков вид на соработка и во иднина.
„Африка во наредниот период би требало да ги оживее своите потенцијали. Тоа е континент што ги има сите можности, но Африка и нејзиниот народ, за жал, немаа потполн и вистински пристап кон своите ресури, поради колонијализмот и неоколонијализмот. Се надевам дека народите на Африка цврсто ќе застанат на своите нозе“, порача Куртулмуш.
Неодамна беше најавено дека турските инвеститори ќе ја изградат зградата на седиштето на Владата на Конго, а Куртулмуш изјави дека денес тој договор е финализиран и оти изградбата ќе започне веднаш штом локалните власти ќе ја одредат локацијата и ќе го предадат земјиштето за употреба.
Куртулмуш во Конго исто така се состана и со министерот за мегапроекти, Жан-Жак Бои.