Furkan Naci Top
15 Септември 2016•Ажурирај: 16 Септември 2016
АТИНА (АА) - Синоќа на полноќ, на грчкиот остров Лезбос настанал судир меѓу бегалци од Авганистан и група бегалци од Северна Африка, во кој има голем број повредени, јавува Anadolu Agency (AA).
Според грчкиот печат, на повредените бегалци им била укажана помош од страна на претставниците од граѓанските организации за помош, и тие се на лекување во кампот „Мориа“.
Се дознава дека за време на судирите, група бегалци го напуштиле кампот и вечерта ја минале во парковите во центарот на островот.
Во меѓувреме, на островот Хиос, при интервенција на полицијата на протестот организиран од страна на бегалците, биле повредени двајца бегалци, кои се префрлени во болница.
Се истакнува дека грчката полиција употребила солзавец во обидот да ги сопре бегалците кои сакале да изведат протестен марш.
Во петокот, на островот Лезбос беше најавен митинг во знак на протест против грчката политика кон бегалците, со барање за префрлање на бегалците од островот.
По договорот за реадмисија меѓу Турција и Европската Унија (ЕУ), бројот на бегалците што престојуваат на грчките острови со цел да бидат евидентирани и да се направи проценка на нивните поднесени барања за азил во ЕУ, е многу поголем од постоечките капацитети.
Поради честите испади што се случуваат, локалните власти сакаат дел од бегалците да ги префрлат во новите кампови на копнениот дел од Грција.
Грчките власти информираа дека според дневните податоци, на островите коишто имаат вкупен капацитет од 7.450 лица, престојуваат 13.163 бегалеци.