Светски Ден на детето - Палестинските деца под тешки услови преживуваат во шатори
- Живееме во шатори. Ги загубив татко ми и моите четири браќа и сестри. Наша единствена желба е еден ден да се вратиме во нормален живот, рече девојче од шаторската населба Буреиџ
ГАЗА (АА) – На Светскиот ден на детето палестинските деца во Појасот Газа продолжуваат да живеат во исклучително тешки услови, преживувајќи во импровизирани шатори во бегалскиот камп Буреиџ, секојдневно соочувајќи се со последиците од раселувањето и војната, известува Анадолу.
Децата се меѓу најранливите жртви на израелската војна во Газа. Растејќи во шатори со минимални ресурси, тие се борат да пристапат до чиста вода, храна и безбедно засолниште.
Голем број од нив ја преземаат улогата на возрасните, поминувајќи часови во долгите редици за вода и оброци, грижејќи се за помладите браќа и сестри, во обид да им помогнат на своите семејства да преживеат.
Меѓу нив е и Ајлин Абу Зубејде, која ги загубила таткото и четирите браќа и сестри во израелските напади. Таа живее со својата мајка Лајла во кампот Буреиџ, каде што заедно го носат товарот на секојдневните одговорности, од снабдување вода за пиење до обезбедување основни животни потреби.
„Децата доцнат во училиште затоа што мора да чекаат во ред за вода. Мојата ќерка сега би требало да биде во училиште. Секојпат кога врне, водата минува низ шаторите и сите наши алишта и предмети се натопени. Повеќето од децата во овој камп се сирачиња, никој не се грижи за нив. Тие се лишени од можностите што ги имаат децата на други места. Децата од Газа страдаат. И тие имаат право на живот“, рече Лајла.
Таа нагласи дека единствено барање им е нивните деца да живеат во мир и безбедност, како и децата во другите делови на светот.
На овој ден, посветен на децата низ светот, Ајлин прати трогателна порака до своите врсници.
„Денес е Светски ден на детето, но наместо да славиме, носиме вода. Децата во другите земји се на училиште и игралишта. Ние живееме во шатори. Ги изгубив татко ми и моите четири браќа и сестри. Наша единствена желба е еден ден да се вратиме во нормалниот живот“, рече таа.
Министерството за здравство во Газа објави дека во нападите на Израел се убиени најмалку 25 Палестинци и повредени се 77, а тоа е ново кршење на кревкото примирје што е на сила од минатиот месец.
Од 11 октомври кога стапи на сила примирјето, Израел уби 280 Палестинци и повреди 672, речиси 70.000 луѓе, повеќето жени и деца, се убиени во Газа од октомври 2023 година, а над 170.000 се повредени. Поголем дел од палестинската енклава е претворен во урнатини.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
