Muhammet İkbal Arslan
10 Јануари 2025•Ажурирај: 14 Јануари 2025
ЖЕНЕВА (АА) - Светската организација за метеорологија го објави својот извештај за температурите забележани минатата година, врз основа на податоците добиени од шест меѓународни организации, известува Анадолу.
„Светската организација за метеорологија потврди дека 2024 година е најтоплата година досега, со регистрирани температури на површината за околу 1,55 степени Целзиусови над просекот од прединдустрискиот период кој го опфаќа периодот 1850-1900 година“, се вели во извештајот.
За периодот 2015-2024 година во извештајот се вели дека биле „најтоплите 10 години“ досега и дека ова е првата календарска година во која глобалната просечна температура била 1,5 степени над просекот од периодот 1850-1900 година.
Посочувајќи на вонредните температури на површината на копното и морето и топлината на океаните забележани во 2024 година, во извештајот се истакнува дека долгорочната цел на Парискиот договор за ограничување на глобалното зголемување на температурата на 1,5 степени продолжува, но тоа е во сериозна опасност.
Се наведува дека Светската организација за метеорологија ќе го објави својот извештај под наслов „Глобална климатска состојба 2024“ во март 2025 година и дека сите детали за основните индикатори за климатските промени, вклучувајќи ги и стакленичките гасови, температурите на површината, температурата на океаните, порастот на морското ниво и повлекувањето на глечерите, ќе бидат вклучени во извештајот.
- „Лидерите веднаш да дејствуваат против климатската катастрофа“
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, чии ставови беа вклучени во извештајот, наведува дека извештајот на Светската организација за метеорологија уште еднаш докажал дека глобалното затоплување е конкретна и неспорна реалност.
Истакнувајќи дека иако температурите во некои години биле 1,5 степени над просекот од прединдустрискиот период, тоа не значи дека долгорочните цели ќе бидат напуштени, Гутереш додаде:
„Тоа значи дека мораме да се бориме уште посилно за да бидеме на вистинскиот пат. Високите температури забележани во 2024 година бараат револуционерна климатска акција во 2025 година. Сè уште има време да се избегне најлошото од климатската катастрофа, но лидерите мора веднаш да дејствуваат.“
Генералната секретарка на Светската организација за метеорологија, Андреа Селесте Сауло, посочи на историските моменти во врска со климата.
„Немавме само една или две рекордни години (од аспект на рекордните температури), туку доживеавме низа од точно 10 години. Тоа беше придружено со разорни и екстремни временски настани, подигнување на нивото на морето и топење на мразот. Сето ова е поттикнато од рекордните нивоа на стакленичките гасови предизвикани од човечките активности“, рече Сауло.
Нагласувајќи дека годината во која зголемувањето на температурата изнесувала за 1,5 степени повеќе од прединдустрискиот период не значи дека не се постигнати долгорочните цели на Парискиот договор, Сауло продолжи со зборовите:
„Важно е да се прифати дека секој степен на затоплување е важен. Секое дополнително зголемување на глобалното затоплување, со ниво на затоплување над или под 1,5 степени, го зголемува влијанието врз нашите животи, нашите економии и нашата планета.“