Zuhal Demirci
11 Јануари 2021•Ажурирај: 11 Јануари 2021
АНКАРА
Блокирањето на профилот на американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа Твитер (Twitter) предизвика жестоки дебати во глобалната јавност за тоа дали таа социјална платформа со седиште во Соединетите Американски Држави (САД) навистина ја застапува политиката на слободата на мислење и непристрасноста која декларативно ја пропагира, јавува Агенција Анадолија (АА).
Твитер е социјална мрежа која Џек Дорсеј со колегите ја отвори во март 2006 година, а глобална тема за расправи стана поради постојаните расправии и блокирање на профилот на американскиот претседател Трамп кој собра речиси 88,7 милиони следбеници на таа мрежа.
Значителен дел од корисниците на социјалните мрежи на глобално ниво се погласно ги обвинува компаниите на влијателни социјални мрежи за цензура и вондржавно делување.
Иако сопствениците на Твитер пропагираат дека мисијата им е да ја бранат слободата на мислењето и отворена дискусија за сите луѓе во светот, тоа начело е засенето со низа субверзивни ставови кои таа мрежа ги покажа наспроти Трамп и други личности и држави.
Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез го осуди потегот на Твитер на блокирање на профилот на Трамп и порача дека никому не може така да му се наметнува цензура и да му се одзема право на објавување на мислење на Твитер.
Шанон Мек Грегор од Одделот за журналистика и медиуми на Универзитетот Норт Каролина рече дека Твитер со таквиот потег кон Трамп сака да ја придобие наклонетоста на администрацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден.
Блокирањето на профилот на Трамп на Твитер го осудија и бројни приврзаници на Трамп.
Од друга страна, значаен број активисти за заштита на човековите права, кои ги критикуваат социјалните мрежи поради ширењето на говорот на омраза и дискриминација, го поздрави блокирањето на профилот на Трамп на социјалната мрежа Твитер.
- САД на чело на државите кои највеќе го користат Твитер
Компанијата Твитер е со седиште во Сан Франциско во Калифорнија и има близу 4.800 вработени ширум светот, а собра 340 милиони корисници ширум светот. САД, Јапонија, Велика Британија и Индија се меѓу водечките земји кои ја користат оваа социјална мрежа.
На чело на Твитер се девет лица, а покрај основачот и директорот Дорсеј, најзначајни се финансискиот директор Нед Сегал, технолошкиот раководител Параг Агравал и шефот на Одделот за дизајн и истражување Дентли Дејвис.
Според минатогодишниот извештај на „Social/Hoorsuite", Твитер е 13. социјална мрежа во светот по бројот на корисниците.
- Предмет на расправите е забраната на Твитер за огласи и реклами со политички содржини
Твитер во 2019 година забрани реклами и огласи со политички содржини, а во жижа на расправите се најде и челникот на Твитер Дорсеј кој е познат по спротивставувањето на ставовите на американскиот претседател Трамп. Таа забрана е воведена токму во пресрет на почетокот на кампањата пред претседателските избори кои во САД се одржани на 3 ноември минатата година.
Паралелно со тоа, Досеј во жижа на глобалните расправи се најде и кога призна дека погрешно било тоа што Твитер ја блокирал веста која весникот „Њујорк Пост" (New York Post) ја објави за работата која во Украина ја работел Хантер Бајден, синот на новоизбраниот амрикански претседател Џо Бајден.
Мета на критиките на глобалната јавност Дорсеј беше и поради објавите кои на Твитер во 2018 година ги објави за Мјанмар, а во исто време беше нем на кризата во мјанмарскиот регион Аракан.
„Мјанмар сигурно е убава земја. Луѓето се весели и јадењата се одлични. Го посетив Јангон, Мандалај и Баган. Бевме во бројни манастири ширум земјата и медитиравме",напиша Дорсеј во објавата која наиде на бројни реакции на корисниците на Твитер.
Критичарите му замерија што не ги осуди злосторствата на мјанмарската војска во Аракан од кој стотици илјади луѓе се протерани. Бројни корисници на Твитер го обвинија Дорсеј дека е неодговорно тоа што ја рекламира државата која врши геноцид над луѓето во Аракан.
Од друга страна, личниот профил на Дорсеј на Твитер е хакиран во 2019 година и на него се објавени расистички и неморални содржини.