ЛОНДОН (АА) - Светот во моментов е зафатен со една од најголемите хуманитарни кризи на човештвото, вели Амир Лакха, основач и претседател на хуманитарната добротворна организација „Уан траст“ (HACOT), со седиште во Велика Британија, јавува Anadolu Agency (AA).
ХАЦОТ се смета за една од најважните невладини организации во светот, која им помага на сиромашните, ранливите и повредените жители во целиот свет и ги поврзува со потенцијални донатори.
Лакха тврди дека во периодот меѓу 2008 и 2014 година, 111 од 217 земји, што е 54 отсто од земјите во светот, биле потресени од немири и нестабилност. Тој се повикува на податоците од Обединетите нации (ОН), кои велат дека секоја година, од природните катастрофи се погодени речиси 200 милиони луѓе во светот.
Само во 2015 година се регистрирани 574 судири, од кои 20 отсто во Африка, во која има 31 милион луѓе. Околу 65 милиони лица се раселени или добиле статус на бегалци, што е најголем број од крајот на Втората светска војна. Покрај тоа, Лакха тврди дека 250 милиони деца останаа заробени во конфликтите низ светот.
„Светските лидери и институции не направија многу за да се спречат овие конфликти. Катастрофите во светот се сѐ почести. Ниту еден поединец или нација не може сам да се бори со тоа. Треба да работиме заедно за да се почитува меѓународното хуманитарно право и човековите права. Во моментов овие закони се целосно игнорирани во Сирија“, вели Лакха.
Тој додава дека според сегашниот тренд се трошат милијарди долари за учество во хуманитарни кризи, а се занемаруваат причините за конфликтот, односно се лекува болеста, а не се спречува предизвикувачот.
Кога станува збор за бегалците, Лакха вели дека поради војната во Сирија се раселени околу 11 милиони луѓе, кои сочинуваат половина од населението на земјата. Околу 4,8 милиони Сиријци како бегалци најдоа засолниште во Либан, Турција, Јордан, Ирак и во земјите од Европа. Турција прифати три милиони бегалци и секоја година троши околу 10 милијарди долари за бегалците, а меѓународната заедница за нив издвојува 455 милиони долари.
„Со исклучоци, повеќето европски земји не сакаат да ги прифатат бегалците, иако понижувањето и страдањето на овие луѓе се незамисливи во цивилизираниот свет во 21 век. Повеќето од овие луѓе во своето општество биле почитувани и корисни, повеќето од нив би биле во својот дом, а не на товар на некој друг народ, но тие избегаа поради безбедноста на своите семејства. Мораме да си ги отвориме очите и срцата за да им помогнеме на тие луѓе“, рече Лакха.
Лакха смета дека младата генерација најскапо ги плаќа конфликтите во светот. Тој потсетува дека повеќе од 200.000 лица загинаа во војната во Сирија, и дека илјадници деца останаа сираци. Една од пет раселени жени е жртва на сексуално насилство.
„Најмладите генерации најскапо го плаќаат конфликтот. Во светот има голем број деца без образование. Ако го земеме примерот на Сирија, можеме да видиме дека на шест милиони деца во земјата им е потребна хуманитарна помош. Некои од нив со години живеат под опсада. Тие не одат на училиште, бидејќи нивните родители не знаат дали нивните деца ќе се вратат живи дома. Од друга страна, пак, децата во училиштата се гладни, психички исцрпени од војната во земјата и не можат да се фокусираат на наставата. Светот ќе плати висока цена за она што им се случува на децата во светот. Овие деца по неколку години ќе станат голема обврска за сите нас и нема да ни дадат да живееме во мир. Жртвите од вчера стануваат терористи утре, жртвите од нашето време, стануваат терористи утре“, вели Лахка.
Тој тврди дека војната во Сирија, која трае веќе шест години, во меѓународната јавност е претставена како „комплицирана“, што не е.
„Има многу играчи што се вклучени во кризата во Сирија, а секоја од нив има свои интереси: поединци, организации, држави. Можен е мир во Сирија, тоа е можно да се постигне во следните три месеци. Има надеж за таквиот оптимизам. Во следната, 2017 година, се воведува нова ера, нов менаџмент со кој ќе се постигнат иновативни решенија за сириската криза“, рече Лахка.
Тој рече дека мировните преговори за Сирија во Виена, на 14 ноември 2015 година се познати како преговори на Меѓународната група за поддршка на Сирија (ISSG). Тогаш ИССГ имаше 20 земји и меѓународни организации, во ко-претседателство на Русија и на САД.
Во декември 2015 година, на Генералното собрание на ОН едногласно ја одобри резолуцијата со која се отвори патот за мирно решение во Сирија.
„Потоа, и на 1 февруари оваа година започнаа формални преговори во Женева, спроведени од страна на Обединетите нации, но таквите системи ги решаваа проблемите дизајнирани од пред 70 години и затоа не се применливи денес. Ни треба нов, иновативен систем кој ќе помогне во решавањето на проблемот. Мораме да бараме долгорочни решенија за глобалните прашања. Императив е да се поттикнат светските сили на овој пристап, но исто така и обичните луѓе имаат таква моќ“, порача Лахка.