Betül Yürük
29 Август 2020•Ажурирај: 30 Август 2020
ЊУЈОРК (АА) - Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) донесе одлука за намалување на бројот на војниците во мировните сили во Либан, јавува Агенција Анадолија (АА).
СБОН за уште една година го продолжи времетраењето на Мировната мисија на ОН во Либан (UNIFIL), но поради притисокот и заканите на Соединетите Американски Држави (САД) за ставање вето на одлуката, бројот на војниците во оваа мировна мисија е намален.
УНИФИЛ во последните години е изложен на критиките на САД и Израел дека не ја исполнил својата набљудувачка мисија како мировна сила против активностите на Хезболах.
САД се загрижени од присуството и активностите на Хезболах во регионот и сметаат дека со години се издвоени повеќе од доволно ресурси за потребите на УНИФИЛ. САД побараа редуцирање на оваа мисија.
По ова, СБОН донесе одлука за намалување на бројот на војниците кои служат во рамките на Мисијата од 15.000 на 13.000.
УНИФИЛ е основан во 1978 година откако Израел се повлече од Либан. УНИФИЛ веќе 42 години е присутен во јужниот дел на Либан, додека времетраењето Мисијата се обновува секоја година.