Ekipa
02 Октомври 2019•Ажурирај: 03 Октомври 2019
РИЈАД (АА) - Саудискиот министер за надворешни работи, Адел ал Џубеир, денес ја отфрли можноста за преговарање со Иран за решавање на петгодишниот конфликт во Јемен, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на иранската Влада во понеделникот изјави дека Ријад испратил пораки до иранскиот претседател, Хасан Рохани, преку лидерите на другите земји.
Но Ал Џубеир го опиша соопштението на Иран како „неточно“.
„Сестринските земји побараа смирување на ситуацијата, а ние им рековме дека ставот на Кралството е секогаш да бара безбедност и стабилност во регионот“, изјави тој на Твитер.
„Ние, исто така, рековме дека деескалацијата треба да дојде од страната која предизвикува ескалација и шири хаос“, изјави тој.
Во интервју за „Си-би-ес њуз“ (CBS News) во понеделникот, саудискиот принц Мухамед бин Селман изјави дека Саудиска Арабија е отворена за сите иницијативи за политичко решение во Јемен.
Тензиите меѓу Саудиска Арабија и Иран се зголемија неодамна по нападите врз двата нафтени објекти на компанијата „Арамко“ (Aramco), напади за кои Ријад и Вашингтон го сметаат Техеран за одговорен, но Иран ги негира таквите тврдења.