Selen Temizer
17 Август 2018•Ажурирај: 17 Август 2018
ВАШИНГТОН/АНКАРА (АА) - Саудиска Арабија додели помош од 100 милиони долари за реконструкција на сирискиот град Рака, кој беше ослободен од терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на американскиот Стејт департмент, Хедер Нојерт, на прес-конференција соопшти дека Саудиска Арабија на коалицијата ѝ дала помош од 100 милиони долари за реконструкција на Рака.
Нојерт нагласи дека САД изразуваат задоволство поради овој дарежлив чекор на администрацијата на Ријад, и соопшти дека оваа помош е доделена за време на состанокот на глобалната коалиција за борба против ДЕАШ, предводен од страна на американскиот државен секретар, Мајк Помпео, кој се одржа на 12 јули во Брисел.
Според Нојерт, околу 150.000 жители на Рака, кои претходно избегале од нападите на коалицијата и нејзиниот сојузник на терен, терористичката организација ЈПД/ПКК, се вратиле во градот. „Благодарение на коалицијата, партнерите на терен ги реставрираат основните услуги“, истакна таа.
Државниот министер на Саудиска Арабија, Самир ес Себхан, во октомври 2017 година, заедно со американските власти посетија неколку подрачја во Рака.
Според информациите до кои дојде новинарот на АА од извори во Рака, ЈПГ/ПКК, која ја презеде контролата врз Рака во октомври 2017 година, применува практика на притисок и тероризам што ја применува и на другите места под своја окупација.
ЈПГ/ПКК присилно ги регрутира цивилите и не им ги предава куќите што ги запленува по судирите со ДЕАШ.
Цивилите во центарот на градот, кој скоро целосно е уништен како резултат на интензивните воздушни напади на коалицијата, ги користат своите ограничени можности за повторна изградба на нивните срушени домови.
ЈПГ/ПКК не им нуди никаква услуга на цивилите во градот. Малиот број цивили што се вратени во своите домови бидејќи немале друго решение, живеат во тешки услови.