Саудиска Арабија го осуди иранскиот напад врз Амбасадата на САД во Ријад
- Министерството истакна дека Ријад го задржува правото да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на својата безбедност, територија, граѓани, жители и витални интереси, „вклучително и можноста за одговор на агресијата“.
ИСТАНБУЛ (АА) – Саудиска Арабија денес остро го осуди иранскиот напад врз Амбасадата на Соединетите Американски Држави во главниот град Ријад, оценувајќи го како „флагрантно кршење“ на сите меѓународни норми и закони, јавува Анадолу.
Нападот „флагрантно ги прекршува сите меѓународни норми и закони, вклучително и Женевските конвенции од 1949 година и Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година, кои обезбедуваат имунитет на дипломатските простории и персонал дури и во услови на вооружен конфликт“, се наведува во соопштението на саудиското Министерство за надворешни работи.
„Продолжувањето на ваквото очигледно иранско однесување, и покрај тоа што Иран е свесен дека саудиските власти потврдија оти нема да дозволат користење на саудискиот воздушен простор или територија за целење на Иран, ќе го турне регионот кон натамошна ескалација“, се предупредува во соопштението.
Министерството истакна дека Ријад го задржува правото да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на својата безбедност, територија, граѓани, жители и витални интереси, „вклучително и можноста за одговор на агресијата“.
Претходно, Амбасадата на САД во саудиската престолнина беше цел на напад со беспилотно летало, при што избувнал ограничен пожар и била причинета помала материјална штета, но без жртви, соопшти саудиското Министерство за одбрана.
Амбасадата соопшти дека денес е затворена поради нападот со беспилотно летало, при што се откажани сите редовни и итни термини за конзуларни услуги за американските државјани.
Развојот на настаните доаѓа во услови на тековната американско-израелска воена кампања започната во саботата против Иран, во која, според извештаите, убиени се повеќе високи ирански официјални претставници, меѓу кои и врховниот лидер Али Хаменеи.
Како одговор, Техеран возврати со напади со дронови и ракети насочени кон Израел, како и кон земји од Заливот во кои се наоѓаат американските бази.
