Barış Seçkin
13 Јули 2017•Ажурирај: 13 Јули 2017
ТРСТ (АА) - Со обраќањето на премиерот на Италија, Паоло Џентилони, заврши 4. Самит за Западен Балкан во Трст, јавува Anadolu Agency (AA).
Џентилони на прес-конференцијата истакна дека интеграцијата на Балканот во Европската Унија (ЕУ) е стратешки избор.
„Интеграцијата на Балканот во ЕУ е неповратен стратешки избор. Италија има за цел тоа да се постигне што е можно поскоро“, рече Џентилони.
Тој нагласи дека европските интеграции може да придонесат за мирот, безбедноста, иднината и стабилноста на регионот.
„Овој процес се должи на економската визија, која започна во Берлин пред четири години, но не треба да ја занемариме и неговата политичка перспектива“, нагласи Џентилони.
Тој рече дека е важно вратата на ЕУ да е секогаш отворена за земјите од Балканот.
„Потребно е европската перспектива да биде достапна за земјите од Балканот. Во спротивно, напорите за модернизација на демократијата во тие земји би доживеале пораз, а тоа би претставувало пораз и за самата ЕУ“, рече Џентилони.
На крајот напомена дека на самитот се донесени три важни одлуки кои се однесуваат на инфраструктурни проекти за меѓусебно поврзување, транспортни проекти кои ќе го приближат регионот кон ЕУ и ќе воспостават постојан секретаријат на мрежата на стопански комори со седиште во Трст.
Во Трст беше одржан и бизнис-форум при што се потпишани договори за инвестициски и економски проекти на земјите од ЕУ во регионот, во вредност од 200 милиони евра.
Во Трст оваа година, по Берлин, Виена и Париз, се одржа четвртиот по ред Самит на Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.