Ekipa
19 Февруари 2017•Ажурирај: 20 Февруари 2017
ЛОНДОН (АА) - Садик Кан, градоначалникот на Лондон, денес изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп не треба да се прими во државна посета поради, како рече, неговата крута и срамна политика кон имиграцијата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кан изјави дека на американскиот претседател треба да му се скрати ВИП третманот кога ќе допатува во Велика Британија поради неговата забрана за влез во САД на државјаните од седум муслимански земји и поради забраната за влез на бегалци.
„Сметам дека забраната за влез на државјаните од седум држави и стопирањето на бегалската програма се крути и срамни. Во овие околности не треба да ставиме црвен тепих”, изјави Кан за телевизијата ИТВ.
Британските претставници на 20 февруари ќе дискутираат за петицијата која ја потпишаа над 1,6 милион лица, со која се бара откажување на планираната државна посета на америкаскиот претседател Доналд Трамп, за да се „избегне засрамување на кралицата Елизабета II“.
Државната посета обично вклучува прием кај кралицата Елизабета II во Бакингамската палата.