Michael Gabriel Hernandez
16 Мај 2023•Ажурирај: 17 Мај 2023
ВАШИНГТОН (АА) – Властите на Соединетите Американски Држави (САД) му честитаа на турскиот народ за вчерашното одржување на „мирните“ претседателски и парламентарни избори во Република Туркије, јавува Анадолу.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, рече дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден го поздравува мирното изразување на желбите на турскиот народ на гласачките места.
„Претседателот Бајден со нетрпение очекува да работи со оној што ќе биде победник на трката (претседателска)“, рече Кирби, истакнувајќи дека во вториот круг турскиот народ ќе избира меѓу актуелниот претседател на Туркије Реџеп Таип Ердоган и неговиот главен соперник во претседателската трка, Кемал Киличдароглу.
Тој, исто така, рече дека турскиот народ мора да одлучи како ќе изгледа нивната влада и додаде дека е очигледно оти турските гласачи го разбрале тоа и имало голема излезност на изборите.
„Секако беше добро да се видат Турците како излегуваат и гласаат и да се слушне нивниот глас“, рече Кирби.
Во Туркије на 28 мај ќе се одржи вториот круг од претседателските избори откако вчера ниту еден кандидат не освои мнозинство, а тоа денес го потврди и Врховната изборна комисија на Туркије.
Одѕивот на гласачите на вчерашните избори беше 88,92 отсто, а на турските државјани во странство 52,69 отсто.
Ердоган го заврши првиот круг со 49,51 отсто од гласовите, а Киличдароглу беше втор со 44,88 отсто.
Останатите двајца кандидати за претседател, Синан Оган од Татковинска алијанса освои 5,17 %, додека Мухарем Инџе, кој се повлече од претседателската трка кон крајот на минатата недела, откако гласачките ливчиња веќе беа печатени, освои 0,44 % од гласовите.