Servet Günerigök
30 Мај 2020•Ажурирај: 31 Мај 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Четврти ден се одржуваат демонстрации низ Соединетите Американски Држави (САД) во знак на протест поради смртта на невооружениот Афроамериканец, Џорџ Флојд, кој почина додека беше држен од полициски службеник, белец, во Минеаполис, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од понеделникот, кога почина Флојд, задушувајќи се додека полицаецот Дерек Шовин клекнат со коленото го држел на вратот повеќе од осум минути, во Минеаполис избувнаа протести.
Полицијата се судри со демонстрантите и во другите градови низ САД, меѓу кои и во Лос Анџелес и Њујорк.
И покрај мирните протести, тие беа нарушени со грабежи, подметнување пожари и судири со полицијата. Протести беа организирани и во Бостон, Масачусетс и Мемфис, Тенеси, Луисвил, Кентаки, Детроит, Мичиген и во Хјустон, Тексас.
Новите протести се случија неколку часа откако Шовин беше обвинет за убиство од трет степен и убиство без умисла, според обвинителот на округот Хенепин во Минеаполис, Мајкл Фримен.
Демонстрантите бараа апсење и отпуштање од службата и на тројца други полицајци од видеоснимките направени од местото на настанот кога Флојд беше уапсен.
Доцна синоќа, демонстрантите се собраа во Минеаполис и покрај полицискиот час што го воведе градоначалникот Џејкоб Фреј, со надеж за смирување на насилните протести. Фреј ги отпушти сите четворица полициски службеници во вторникот.
Претходно во текот на денот, група демонстранти се упатија кон Белата куќа во главниот град Вашингтон, каде што се соочија со полицијата, а се судрија и со припадници на тајната служба.
Во Атланта, Џорџија, демонстрантите запалија полициски автомобил и го искршија стаклото на влезната врата од седиштето на „Си-ен-ен“, според видеата што се шират на социјалните медиуми.
Протести се одржаа и во Канзас Сити, Денвер, Колорадо, Чикаго, Илиноис и Оукланд, како и во Калифорнија.
Флојд (46) беше уапсен во понеделникот, откако, наводно, се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница.
На видеоснимките на Фејсбук се гледа како има лисици на рацете и како соработува.
Но, полицијата тврди дека тој се спротивставил на апсењето, по што полицаецот Шовин клекнал со коленото на неговиот врат, и покрај континуираните молби на Флојд дека не може да дише.
Набргу потоа, Флојд изгубил свест, но полицаецот ја задржал својата позиција врз жртвата.
Флојд починал набргу откако бил однесен во болница.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека разговарал со семејството на Флојд и дека испратил најдлабоко сочувство и жалење до неговото семејство.