Servet Günerigök
20 Март 2019•Ажурирај: 21 Март 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) се подготвуваат да ѝ испорачаат на Турција уште два воени авиона „F-35“, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на програмата за авионите „F-35“, Џо ДелаВедова, за АА истакна дека програмата за авионите „F-35“ со Турција продолжува, вклучувајќи ја и обуката за летање со авионите во воздухопловната база „Лук“, до понатамошни директиви.
„Турција моментно има два авиона „F-35As“ во воздухопловната база „Лук“, а два други авиона се во финални подготовки да заминат во базата“, рече ДелаВедова. „Првите два авиона според планот треба да пристигнат во земјата во ноември.“
Сепак, извори запознаени со ова прашање, истакнуваат дека испорачувањето на вторите два авиона ќе се изведе за неколку недели.
ДелаВедова и одредени извори избегнуваа да дадат конкретен датум поради последните подготовки, техничките прашања, временските услови и распоредот на летови.
Во согласност со распоредот, САД треба да го испратат авионот од новата испорака за Турција, во рок од една до две години по завршување на обуките за летање под туторство на САД.
Турција ја презеде церемонијалната испорака на првите два воени авиона „F-35“ во јуни. Авионите беа испратени во воздухопловната база „Лук“ во Аризона, каде што се одвива обуката за турските пилоти и персоналот за одржување на авионите.
Анкара планира да купи 100 воени авиони „F-35“. Пентагон достави извештај до Конгресот со детали за импликациите од добивањето на воените авиони од страна на Турција во ноември.
Турција за првпат се приклучи во програмата за авионите „F-35“ во 2002 година и има инвестирано над 1,25 милијарди долари. Исто така, Турција произведува различни делови за сите варијанти на авионите „F-35“.
Од безбедносен аспект уште од крајот на 1990-тите, Турција во 2011 година ја интензивираше потрагата по систем за воздушна одбрана како резултат на порастот на заканите во регионот.
По безуспешните напори за купување на системот „Патриот“ од САД, Анкара реши во 2017 година да го купи рускиот систем „S-400“, што предизвика загриженост меѓу американските претставници.
Вашингтон предупреди дека системот „S-400“ може тајно да собира критички информации за нивните борбени авиони „F-35“, меѓу кои и опсегот на детекција, што после може да ѝ се пренесат на Русија.
Неколкумина високи генерали сугерираа дека Вашингтон не треба да ѝ ги испорача авионите на Анкара доколку таа го прифати рускиот одбранбен систем „S-400“.
Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, истакна дека купувањето на системот „S-400“ од Русија за Анкара „не е избор, туку потреба“.