Hakan Çopur
01 Декември 2019•Ажурирај: 02 Декември 2019
ВАШИНГТОН (AA) - Соединетите Американски Држави (САД) го обвинија режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад за кршење на процесот за формирање на Уставотворната комисија на Сирија, чии преговори се водат во Женева, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гласноговорничката на американскиот Стејт департмент, Морган Ортагус, упати писмена изјава по повод преговорите околу формирањето на Уставотворната комисија на Сирија.
„Соединетите Американски Држави (САД) ги поддржуваат напорите на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, и специјалниот претставник на Обединетите нации за Сирија, Геир Педерсен, да се забрза работата на Уставотворната комисија на Сирија. Предусловите на режимот на Асад јасно го кршат деловникот на Комисијата и имаат за цел да ги одложат активностите кои ги поддржува Астана-групата“, порача Ортагус.
Наведувајќи дека нема да биде доволно Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на Обединетите нации, Ортагус нагласи дека е од витална важност да се прогласи примирје во целата земја, да се ослободат заробениците и да се подготват услови за слободни и чесни избори во земјата.
Формирањето на Уставотворната комисија на Сирија е резултат на мировниот процес кој се води во Астана со гаранции на Турција, Русија и Иран.
Во согласност со документот, кој на 26 јули го потпиша генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, Уставотворната комисија на Сирија ја сочинуваат вкупно 150 делегати, односно по 50 делегати кои го претставуваат сирискиот режим, опозицијата и цивилниот сектор.
Комисијата е составена од две тела. Првото, големо тело, го сочинуваат сите членови на Комисијата, а второто тело го чинат по 15 избрани делегати од сите три делегации кои ќе бидат одговорни за техничкиот дел на пишувањето на Уставот. Сите предлози на 45-члената група ќе мора да бидат одобрени од страна на 150 членови на Комисијата, односно со најмалку 75 отсто од гласовите.
На чело на Комисијата се копретседавачите кои ја претставуваат опозицијата и режимот. Опозицијата ја предводи поранешниот припадник на Националната коалиција на сириските опозициски и револуционерни сили (SMDK), Хади ал Бахра, а на чело на делегацијата на режимот е правникот Ахмед Кузбари.