Övünç Kutlu
13 Јуни 2022•Ажурирај: 14 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Американската економија следната година се очекува да падне во рецесија, покажува студијата спроведена од „Фајненшал тајмс“ и истражувачкиот центар „Иницијатива за глобални пазари“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Додека 38 отсто од испитаниците во истражувањето проценуваат дека економијата на САД ќе влезе во рецесија во првата половина на 2023 година, 30 отсто предвидуваат дека тоа би можело да се случи во втората половина на следната година.
Околу девет отсто од испитаниците предвидуваат дека најголемата светска економија ќе се соочи со рецесија во првата половина на 2024 година, додека 21 отсто проценуваат дека тоа би можело да дојде во третиот квартал на 2024 година или подоцна.
Само два отсто од испитаниците во истражувањето предвидуваат дека економијата на САД би можела да се соочи со рецесија во четвртиот квартал од оваа година или порано.
Во истражувањето, што беше спроведено од 6 до 9 јуни, учествуваа 49 испитаници од бизнис-школата на Универзитетот „Бут“ во Чикаго.
„Рецесијата вклучува значителен пад на економската активност што се шири низ економијата и трае повеќе од неколку месеци“, соопшти непрофитната истражувачка организација „Национално биро за економски истражувања“ (NBER), со седиште во САД.
Од организацијата објаснуваат дека рецесијата го претставува периодот помеѓу врвот на економската активност и нејзиното најниско ниво.
Инфлацијата во САД се искачи на највисокото ниво во последните 40 години, достигнувајќи 8,6 отсто на годишно ниво во мај.
И покрај загриженоста за рецесијата во земјата, американската Централна банка (ФЕД) планира да продолжи со затегнување на монетарната политика.