Şeyma Uzundere
02 Јули 2021•Ажурирај: 03 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Американските трупи, кои се пред завршување на процесот на повлекување од Авганистан, ја напуштија воздухопловната база „Баграм“, која се користеше како база за многу воени операции скоро 20 години, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Две американски официјални лица, зборувајќи за „Асошиејтед прес“ (Associated Press) под услов на анонимност, бидејќи не се овластени да даваат информации до јавноста, соопштија дека базата им е предадена на авганистанските сили за национална безбедност и одбрана.
Американските трупи, кои се во Авганистан скоро 20 години и се пред завршување на процесот на повлекување, денеска ја напуштија воздухопловната база „Баграм“.
Воздухопловната база беше важна точка за воените операции предводени од НАТО и САД во Авганистан.
Базата „Баграм“ беше посетена од претседателите Џорџ Буш, Барак Обама и Доналд Трамп за време на нивниот мандат. Базата беше симбол за присуството на САД во земјата.
Американската администрација постигна договор со Талибанците на 29 февруари 2020 година и се согласи американските трупи да се повлечат целосно од Авганистан на 1 мај 2021 година.
Администрацијата на Џо Бајден, пак, најави дека силите ќе се повлечат целосно од Авганистан до 11 септември.