Büşra Nur Çakmak
24 Јануари 2022•Ажурирај: 25 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) официјално наредија на членовите на семејствата на персоналот од нивната амбасада во Киев, Украина, да ја напуштат земјата поради тековните тензии помеѓу Украина и Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„На 23 јануари, 2022 година, Стејт Департмент им дозволи на вработените директно ангажирани во американската Амбасада во Киев доброволно да ја напуштат Украина и наложи заминување на членовите на нивните семејства поради континуираната закана од руска воена акција“, се вели во советот за патување.
„Државјаните на САД во Украина треба да размислат за заминување веднаш, користејќи комерцијални или други приватни достапни опции за превоз“, се додава.
Безбедносната ситуација околу „границите на Украина, во Крим окупиран од Русија и во источна Украина под контрола од Русија се непредвидливи и можат да се влошат“, се вели во соопштението, додавајќи дека има вести дека Русија планира воена акција против Украина.
Русија го анектира украинскиот полуостров Крим во 2014 година со потег кој никогаш не доби меѓународно признание и кој се смета за незаконски според меѓународното право.
Русија неодамна собра десетици илјади војници во близина на украинската источна граница, предизвикувајќи страв дека Кремљ планира нова воена офанзива против нејзиниот поранешен советски сосед.
Москва негираше дека се подготвува за инвазија и рече дека нејзините војници се таму за вежби.