Vakkas Doğantekin
29 Јуни 2020•Ажурирај: 01 Јули 2020
АНКАРА (АА) - Законодавниот дом на американската сојузна држава Мисисипи доцна синоќа усвои предлог-закон за отстранување на симболот на Конфедерацијата од државното знаме преку историско гласање, јавува Агенција Анадолија (АА).
Законодавците на Мисисипи ја зедоа предвид промената на знамето поради насилните протести низ целата земја против расизмот, по убиството на невооружениот Афроамериканец Џорџ Флојд од страна на полицаец белец во Минесота.
Мисисипи е единствената од американските држави која на знамето го нема променето обележјето на Конфедерацијата, за првпат донесено во 1894 година.
Предлог-законот, кој во Законодавниот дом беше усвоен со 91 глас за и 23 против, а во Сенатот со 37:14 гласови, сега ќе биде доставен до гувернерот на Мисисипи, Тејт Ривс, републиканец, кој во саботата изјави дека ќе го потпише, со што автоматски станува закон.
За новиот изглед на знамето во јужната американска држава ќе се гласа во ноември.
По нападот врз парохјаните Афроамериканци од страна на белците супремацисти во црква во Јужна Каролина на 17 јуни 2015 година, сите државни универзитети на Мисисипи и многу градови престанаа со оддавање почит пред знамето.
Нападот во црквата во Чарлстон беше расно мотивирано масовно пукање, во кое деветмина Афроамериканци беа убиени од 21-годишниот Дилан Руф.
Црквата беше позната по своите активности и работа на полето на граѓанските права во САД. Руф, осуден на смртна казна во 2016 година, на својата веб-страница објави фотографии со амблеми со кои се велича надмоќта на белците, и со военото знаме на Конфедерацијата.
Нападот ја разгоре дебатата низ земјата за прикажувањето на контроверзното знаме на Конфедерацијата.