Michael Hernandez
13 Август 2017•Ажурирај: 14 Август 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Едно осомничено лице доцна синоќа е обвинето за убиство од втор степен и за други обвиненија откако една жена беше прегазена на контра-протестниот марш на митингот на белите националисти во американската сојузна држава Вирџинија, јавува Anadolu Agency (AA).
Властите го идентификуваа Џејмс Алекс Филдс Џуниор, 20, како возачoт на автомобилoт кој се втурна во толпата во градот Шарлотсвил. Загина неидентификувано женско лице, а во несреќата беа повредени десетици лица.
Гувернерот Тери МекАлиф прогласи вонредна состојба поради насилните судири меѓу стотиците бели националисти и контра-демонстрантите.
Полицијата им нареди на демонстрантите да се разотидат, откако судирите во паркот „Emancipation“ брзо ескалираа. Но, како што се смири атмосферата, Филд со автомобилот се втурнал во група контра-демонстранти.
Шефот на полицијата, Ал Томас, рече дека околу 35 лица се здобиле со повреди опасни по живот.
Видеото од инцидентот покажува автомобил кој забрзува во тесна улица полна со демонстранти пред да удри во нив, a запира кога удира во колона од возила, по што со возилото го напушта местото.
МекАлиф им порача на белите националисти да си одат дома и никогаш да не се вратат, за време на прес-конференцијата во којашто истакна дека разговарал со претседателот Доналд Трамп и ја изразил потребата за ставање крај на говорот на омраза од страна на лидерите во земјата.
Властите велат дека во друг случај, две лица загинале при пад на полициски хеликоптер вклучен во справувањето со протестите.
Обраќајќи се од неговиот голф-клуб во Њу Џерси, Трамп го осуди, како што рече, „овој невиден акт на омраза, нетрпеливост и насилство од многу страни“.
Белите националисти протестираа против отстранувањето на статуата на Роберт Е. Ли од паркот „Emancipation“. Ли е главен генерал на армијата на Конфедерацијата во граѓанската војна во Америка помеѓу Северот и Југот.
Во петокот вечерта стотици луѓе маршираа низ кампусот на Универзитетот Вирџинија држејќи факели во рацете, сцена која потсетува на собирите на „Кју Клукс Клан“, кој ги „прогонува“ движењата за граѓански права во Америка.
Беа извикувани слоганите „Вие нема да нѐ замените“, и „Евреин нема да нѐ замени“, додека морничавата светлина од факелите го осветлуваше кампусот.
Дводневниот протест се смета за најголемиот неодамнешен собир на белите националисти.
Активистите предупредија дека групите се охрабрени откако Трамп ја освои претседателската трка минатата година. Инцидентите од омраза насочени кон малцинствата оваа година се во пораст.