Mahmoud Barakat
28 Октомври 2019•Ажурирај: 28 Октомври 2019
ЕРУСАЛЕМ
(АА) - Американскиот државен секретар за финансии, Стивен Мнучин, денеска вети дека ќе го зголеми притисокот врз Иран преку санкции, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ќе продолжиме со сè поголем и поголем притисок“, рече Мнучин на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Западен Ерусалим.
Тој истакна дека за Техеран се применува кампањата на екстремен притисок преку санкции и дека таа кампања е успешна.
Нетанјаху, од своја страна, рече дека Иран напорно работи на производство на балистички ракети што ќе можат да стигнат до која било цел на Блискиот Исток.
Израелскиот премиер ја повтори потребата од интензивирање на меѓународните напори за спротивставување со Иран и заострување на санкциите кон земјата.
Од наметнувањето на санкциите од страна на САД кон Иран во ноември 2018 година, Иран е многу ограничен во извозот на нафта, што продолжува да има негативно влијание врз неговата економија.
Во меѓувреме, Нетанјаху го поздрави успехот на американската операција за ликвидирање на водачот на терористичката организација ДЕАШ, Ебу Бекр ал Багдади во Сирија.
„Ал Багдади, човекот кој ја предводеше терористичката организација ДЕАШ, која зазеде големи подрачја во Ирак и Сирија, беше убиен во операција на САД во северозападна Сирија“, потврди вчера американскиот претседател Доналд Трамп.