Michael Gabriel Hernandez
27 Јули 2022•Ажурирај: 28 Јули 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) му се заблагодарија на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, за нивните напори за формирање центар за олеснување на извозот на жито од Украина на светските пазари, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Го поздравуваме и го цениме раководењето на генералниот секретар на ОН, како и на претседателот Ердоган, за формирање заеднички координативен центар“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби. „Знаеме дека не беше лесно и дека работеа напорно на ова. Но очигледно, доказот ќе биде успехот.“
Заедничкиот координативен центар (JCC) во Истанбул официјално треба да биде отворен денеска.
Според договорот потпишан минатиот петок помеѓу Украина, Русија, Обединетите нации и Туркије, Заедничкиот координативен центар во Истанбул ќе спроведува инспекции и ќе ја осигурува безбедноста на трговските патишта додека бродовите се подготвуваат да напуштат три украински пристаништа на Црното Море, опфатени во договорот.
„Овој заеднички координативен центар ќе има претставници не само од ОН, туку, исто така, и од Украина, Русија и секако, Туркије, за да се помогне во координирањето на движењето на ова жито“, рече Кирби. „Има многу работа за поединците во Заедничкиот координативен центар.“
Околу блокирани 80 брода со украинско жито или се подготвени да заминат или наскоро ќе бидат подготвени да запловат кон светските пристаништа, според Белата куќа.
Кирби рече дека САД со нетрпение очекуваат Заедничкиот координативен центар да почне да работи.
„Ние секако ги имаме сите очекувања дека сите страни на овој договор ќе ги исполнат своите обврски“, рече тој.