Islam Uddin
26 Септември 2022•Ажурирај: 28 Септември 2022
АНКАРА (АА) - Соединетите Американски Држави и Јужна Кореја денес започнаа заеднички поморски вежби, еден ден откако Северна Кореја истрела уште една балистичка ракета со краток дострел, пренесува Агенција Анадолија (АА).
За време на четиридневните комбинирани вежби во Источното Море, сојузниците мобилизираа над 20 бродови, американски носач на авиони и јужнокорејски воени бродови, објави новинската агенција „Јонхап“.
Американскиот носач на авиони УСС „Роналд Реган“ пристигна во водите на Јужна Кореја во петокот за да се приклучи на комбинираните вежби.
„Преку обуката овој пат, ние дополнително ќе ги подобриме способностите за комбинираните операции на Морнарицата и ќе одржиме цврста поморска одбранбена позиција врз основа на цврстиот јужнокорејско-американски сојуз“, истакна висок јужнокорејски претставник.
Вежбата е дел од безбедносната соработка на САД и Јужна Кореја за спротивставување на Северна Кореја, по дополнителното зголемување на тензиите во регионот откако Пјонгјанг усвои нов закон за превентивни нуклеарни напади за сопствена заштита, прогласувајќи ја Северна Кореја за држава со нуклеарно оружје на почетокот на овој месец.
САД и Јужна Кореја постојано и нудеа на Северна Кореја дијалог за смирување на тековните тензии на Корејскиот Полуостров, но ниту една од понудите не доби одговор.
Белата куќа на 9 септември соопшти дека САД се обидуваат да ги обноват дипломатските разговори со Северна Кореја, откако Пјонгјанг усвои нов закон што го зголемува сеништето за нуклеарна конфронтација.
Сепак, севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун отфрли каков било план да се откаже од неговата нуклеарна програма, обвинувајќи ги САД дека се обидуваат да го соборат неговиот режим.
Северна Кореја се самопрогласи за држава со нуклеарно оружје по усвојувањето на новиот закон со кој се овластуваат нејзините вооружени сили да користат нуклеарно оружје доколку напад со нуклеарно оружје или друго вид оружје за масовно уништување биде инициран или неизбежен.
Тензиите на полуостровот се зголемија во 2020 година кога Северна Кореја ја нападна и ја разнесе меѓукорејската канцеларија за врски долж границата. Сеул се закани со цврст одговор доколку Пјонгјанг дополнително ја влоши ситуацијата.
Сепак, тензиите дополнително се зголемија минатата година кога и Сеул и Пјонгјанг ги зајакнаа своите воени вежби за манифестирање моќ.