Hakan Çopur
28 Декември 2017•Ажурирај: 29 Декември 2017
АНКАРА (АА) - САД и Турција денес меѓусебно ги укинаа постоечките суспензии околу издавањето на визите на државјаните на двете земји, а кои беа на сила од средината на октомври оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
Најпрво се огласи американската амбасада во Анкара, а во соопштението е наведено дека безбедносната ситуација е доволно подобрена за повторно да може да се започне со издавањето на визи на државјаните на Турција.
Кратко потоа, реагираше и амбасадата на Турција во Вашингтон, и како одговор на чекорот на САД, исто така ги укина суспензиите за издавање на визи на американските државјани.
- Реакции на амбасадата на Турција: Не им дадовме никакви гаранции на САД
Во соопштението на американската амбасада во Анкара е наведено дека од турските претставници на високо ниво е загарантирано дека локалните вработени во американските мисии во Турција нема да бидат приведувани или апсени поради нивното извршување на службени должности. Според нивните тврдења, турските институции во иднина, кога ќе сакаат да приведат или уапсат некој од локалните вработени во американските мисии, пред тоа ќе ја известат Владата на САД.
Турската амбасада реагираше, поточно ги негираше овие тврдења на американската амбасада, и порача дека Турција не дала никакви гаранции на САД во врска со случаите околу кои се водат судските процеси во Турција.
Турската амбасада во Вашингтон кон средината на октомври ги суспендираше сите процедури во врска со издавањето визи на американски државјани во сите дипломатски мисии во САД. Тоа се случи непосредно по соопштението на американската страна за суспензија на издавањето визи во дипломатско-конзуларните претставништва на земјата во Турција.
Пред меѓусебното суспендирање на визите, со истрагата во однос на заверата која во периодот од 17 до 25 декември 2013 година во Турција ја изврши терористичката организација ФЕТО, утврдено е дека претставникот на Генералниот конзулат на САД во Истанбул, Метин Топуз, бил во контакт со обвинетите поранешни директори на полицијата и поранешниот обвинител, Зекерија Оз, кој и понатаму е во бегство.
Топуз по налог на Обвинителството во Истанбул е уапсен поради обид за рушење на уставниот поредок, шпионажа и обид за рушење на Владата на Република Турција.
По апсењето на Топуз следуваше реакција од САД. Како одговор на таа реакција Министерството за надворешни работи на Турција соопшти дека Метин Топуз, кој беше уапсен на 25 септември 2017 година, не бил на официјалната листа на вработени на конзулатот на САД и дека немал никаков дипломатски или конзуларен имунитет или привилегии.