ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) и Велика Британија синоќа извршиле напади врз повеќе цели во Јемен „како директен одговор на нападите на Хусите без преседан врз меѓународните бродови“, јавува Анадолу.
Бајден рече дека нападите на Хусите, кои довеле до одговор на сојузниците, ги загрозиле американскиот персонал, морнарите цивили и нивните партнери, ги загрозиле трговијата и слободата на пловење“.
„Овие напади се директен одговор на нападите на Хусите без преседан врз меѓународните бродови во Црвеното Море, вклучително и употребата на антибродски балистички проектили првпат во историјата. Одговорот на меѓународната заедница на овие непромислени напади беше единствен и одлучувачки“, нагласи Бајден.
Нападот доаѓа како одговор на нападите со беспилотни летала и ракетните напади на јеменската група, поддржана од Иран, на меѓународните бродски патишта во Црвеното Море, кои започнаа во ноември минатата година како одговор на израелските напади врз Појасот Газа.
Црвеното Море е клучен пловен пат за меѓународната трговија, особено за испорака на нафта и гориво, кој го поврзува Суецкиот Канал во Египет со Аденскиот Залив преку теснецот Баб ел-Мандеб.
Хусите извршија 27 напади во Црвеното Море од 19 ноември, соопшти американската армија вчера.
- Хусите бараат одмазда -
Телевизискиот канал на Хусите, Ал Масира, објави дека Сана, главниот град на Јемен, бил подложен на „американска агресија“. Али ал Кахум, водач на Хусите, рече дека цел на бунтовничката група се американски и британски воени бродови во Црвеното Море како одмазда за сојузничките напади.
Висок американски воен функционер, кој ги информираше новинарите под услов да остане анонимен, негираше дека биле извршени какви било одмазднички напади врз американските или сојузничките сили.
„Засега не видовме никаква одмаздничка акција насочена кон САД или други членки на коалицијата во Црвеното Море, Баб ел-Мандеб или Аденскиот Залив“, рече претставникот.
Нападите во текот на ноќта беа извршени од воздушни, површински и подводните сили и „уништени се повеќе позиции под контрола на Хусите“, рече официјалниот претставник.
Воениот претставник одби да го прецизира процентот на капацитетите на Хусите што биле уништени поради „оперативна безбедност“, но рече дека штетата е „значителна“.
„Целта на овие напади беше многу јасна од самиот почеток, да се оневозможат Хусите да напаѓаат поморски бродови, без разлика дали се комерцијални или воени, во Црвеното Море, Баб ел-Мандеб или Аденскиот Залив“, рече тој.
- САД ги осудуваат „непромислените напади“ на Хусите врз меѓународните бродови -
Подоцна американската Централна команда (CENTCOM), исто така, објави соопштение за нападите.
„На 11 јануари во 2:30 часот по локално време силите на Централната команда на САД, во координација со Велика Британија и поддржана од Австралија, Канада, Холандија и Бахреин, изведоа заеднички напади врз цели на Хусите за да се спречат нелегитимните и непромислени напади врз американски и меѓународни бродови и комерцијални бродови во Црвеното Море“, соопшти Централната команда на САД (CENTCOM).
Според ЦЕНТКОМ, најновите напади „немаат никаква поврзаност со операцијата 'Просперитет Гардијан', коалиција од над 20 земји што дејствуваат во Црвеното Море, теснецот Баб ал-Мандеб и Аденскиот Залив“.
„Милитантите Хуси и нивните дестабилизирачки ирански спонзори ги сметаме за одговорни за нелегитимните, неселективните и непромислените напади врз меѓународните бродови што досега влијаеја врз 55 нации, вклучително загрозување на животите на стотици морнари, како и врз Соединетите Американски Држави“, изјави генералот Мајкл Ерик Курила, командант на ЦЕНТКОМ.
Нивните нелегитимни и опасни дејства нема да бидат толерирани и тие ќе одговараат.
Американските медиуми, исто така, објавија дека подморницата УСС Флорида со наведувана ракета од класата Охајо била користена во нападите против Хусите.
- Цел - бродовите поврзани со Израел
Хусите вршеа напади врз бродови во јужниот дел на Црвеното Море и предупредија дека ќе ги нападнат сите бродови што транзитираат кон или од Израел, како и бродови што се во сопственост на израелски фирми. Тие рекоа дека нападите имаат цел да ги поддржат Палестинците додека се соочуваат со израелската „агресија и опсада“ во Газа.
Минатиот месец американскиот секретар за одбрана Лојд Остин најави формирање на мултинационална мисија за спротивставување на нападите на Хусите.
Остин рече дека нападите на САД и коалицијата праќаат „јасна порака до Хусите дека ќе платат дополнителна цена доколку не ги прекинат своите нелегитимни напади“.
САД и Велика Британија ги извршуваат нападите со поддршка од Австралија, Бахреин, Канада и Холандија, соопшти администрацијата на Бајден.
Бајден рече дека „одбранбената акција“ против Хусите следува по неколкумесечна дипломатија и „ескалација на нападите на бунтовниците Хуси врз комерцијалните бродови“.
„Овие напади се јасна порака дека САД и нашите партнери нема да толерираат напади врз нашиот персонал или да дозволат непријателски актери да ја загрозуваат слободата на пловењето по една од најклучните трговски маршрути во светот“, рече тој.
„Нема да се двоумам за примена на ополнителни мерки за заштита на нашиот народ и слободниот проток на меѓународната трговија доколку е потребно“, додаде тој.
Во заедничката изјава објавена од Австралија, Бахреин, Канада, Данска, Германија, Холандија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Велика Британија и САД се вели дека „прецизните напади имале цел да ги сопрат нападите со уништување на способноста на Хусите за загрозување на глобалната трговија и животите на меѓународните морнари на еден од најклучните водни патишта во светот“.