Betül Yürük
07 Мај 2021•Ажурирај: 14 Мај 2021
ЊУЈОРК
Повеќе од 45.000 луѓе се пријавиле за лов на бизони, кои поради брзиот раст на популацијата се прогласени за еколошка закана во Големиот Кањон во американската сојузна држава Аризона, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Управата на американските национални паркови соопшти дека брзиот раст на бројот на бизони претставува закана за водните и археолошките ресурси на Големиот Кањон и распиша оглас со кој се бараат 12 искусни ловци кои како волонтери ќе учествуваат во ловот на овој вид животни.
За краток период на огласот се јавиле повеќе од 45.000 американски ловци.
Од Управата на национални паркови соопштија дека ќе извршат селекција и дека ловот ќе го организираат со учество на 12 најдобри ловци.
„Нагласуваме дека овде не станува збор за класичен лов затоа што тој како таков е забранет во националните паркови, туку станува збор за организиран лов на животни кои претставуваат закана за убавините на паркот“, се наведува во соопштението.