Islam Doğru
08 Јули 2021•Ажурирај: 09 Јули 2021
ЊУЈОРК (АА) - Спасувачките екипи досега ги извлекоа телата на 54 лица кои починаа во уривањето на дел од 13-катната зграда на 24 јуни, во областа Сурфајд во Мајами, американската сојузна држава Флорида, јавува Агенција Анадолија (АА).
Даниела Левин Кава, градоначалничката на Мајами-Дејд, одржа прес-конференција на која информира дека за време на спасувачките операции и отстранувањето на остатоците од урнатата зграда биле пронајдени телата на уште 8 лица.
Кава соопшти дека се идентификувани 33 од 54-те пронајдени тела и додаде дека се трага по уште 86 лица што се водат за исчезнати.
Зборувајќи дека денеска е 14-ти ден од почетокот на спасувачките операции и напорите за откривање на исчезнатите, градоначалничката Кава изјави дека веќе нема шанси под урнатините да се пронајдат преживеани, па затоа активностите во таа насока ќе бидат сменети.
„До овој момент навистина ги исцрпивме сите опции што ни беа достапни во напорите за пребарување и спасување на евентуални преживеани. Сите од Бога баравме чудо“, изјави Кава, и додаде дека иако било тешко да се донесе ваква одлука, ќе се премине на активности за пребарување и отстранување на остатоците од урнатата зграда, наместо да се бараат и спасуваат исчезнатите.
- Одеднаш се урна половина од зградата со 270 луксузни стана -
Северно од Мајами Бич, во местото Сурфсајд, со население од околу 5.600 жители, одеднаш на 24 јуни се сруши дел од 13-катната луксузна зграда „Чемплејн“ со 270 стана.
Официјалните претставници на Сурфсајд во преписката со управата на зградата во 2018 година посочиле дека зградата што е изградена во 1981 година има големи структурни оштетувања, информирајќи дека се потребни приближно 9 милиони долари за поправка на испуканите столбови и бетонот што се распаѓа.
Поради тропскиот циклон Елза што се приближува кон Флорида, со образложение дека не е безбедна, на 4 јули во 22:30 часот по локално време на контролиран начин беше срушен преостанатиот јужен дел од зградата.