Büşra Selvi Öğütcen
02 Јуни 2022•Ажурирај: 03 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Американската администрација одлучи да ги укине сите забрани за летови кон Куба, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни работи, Ентони Блинкен, во писмото кое го упати до Министерството за транспорт побара да се укинат ограничувањата за кубанските летови.
Блинкен истакна дека отворањето на летовите за Куба е во интерес на Кубанците и надворешно-политичките интереси на Соединетите Американски Држави (САД).
Американскиот претседател Џо Бајден во мај укина некои од ограничувањата кон Куба донесени од неговиот претходник Доналд Трамп.
Со одлуката на Бајден ќе бидат обновени сите летови до Куба, со исклучок на главниот град Хавана, до каде што досега се реализираа и ќе бидат обновени програмите за обединување на семејствата.
Меѓу другото, во соопштението се наведува дека ќе бидат дозволени и групни посети на Куба за образовни или деловни цели и ќе биде укинат и лимитот за испраќање пари во оваа земја, кој изнесуваше 1.000 долари за три месеци.
Во јануари 2020 година, тогашниот државен секретар Мајк Помпео соопшти дека САД ги забрануваат сите летови до Куба, освен до главниот град Хавана, сѐ до дополнителни инструкции.
Помпео истакна дека одлуката е донесена поради тоа што „кубанската администрација прави притисок врз сопствениот народ и дава поддршка за венецуелскиот претседател Николас Мадуро“.