Rabia İclal Turan
24 Јануари 2025•Ажурирај: 29 Јануари 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Министерството за финансии на САД официјално ги укина санкциите за илегалните израелски доселеници и групи, вклучително и Движењето за доселување Амана, кои беа обвинети за насилство врз Палестинците на окупираниот Западен Брег, известува Анадолу.
Оваа одлука следи по неодамнешната извршна наредба потпишана од претседателот Доналд Трамп, со која се смени политиката од ерата на Бајден, која беше насочена кон поединци и субјекти за кои се смета дека ги поткопуваат мирот и стабилноста во регионот.
Канцеларијата за контрола на странски имот (ККСИ) при Министерството за финансии објави дека ги укинува санкциите што беа воведени со извршна наредба од поранешниот претседател Џо Бајден.
Одлуката на Трамп да ги укине овие санкции беше донесена во понеделникот, како дел од поширокото укинување на повеќе од 70 извршни наредби веднаш по неговото враќање во Овалната соба.
Извршниот указ 14115, потпишан од Бајден на 1 февруари 2024 година, насловен како Воведување одредени санкции кон лицата што ги поткопуваат мирот, безбедноста и стабилноста на Западниот Брег, ги таргетираше илегалните израелски доселеници вклучени во „високо ниво на екстремно насилство на доселениците, присилно раселување на луѓе и села и уништување имот“.