свет

САД ги обновија санкциите кон Иран

„Слабиот напредок на Иран во исполнувањето на своите обврски од Заедничкиот сеопфатен акционен план и фактот дека Советот за безбедност не ги продолжи санкциите за оружје наметнати врз Иран, ги принудија САД да донесат ваква одлука“

Safvan Allahverdi  | 20.09.2020 - Обновена : 21.09.2020
САД ги обновија санкциите кон Иран

ВАШИНГТОН (АА) - Американската администрација објави дека ги обновила санкциите што ги укина Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) во рамките на нуклеарниот договор со Иран, јавува Агенција Анадолија (AA).

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, објави писмено соопштение во врска со новите санкции воведени кон Техеран.

Наведувајќи дека Иран не ги исполнува своите обврски во рамките на Заедничкиот сеопфатен акционен план (JCPOA), Помпео истакна дека „ваквите отстапки ги зајакнувале режимите низ историјата“.

„Од таа причина“, нагласи Помпео, „САД одлучија повторно да ги активираат санкциите што ги поништи СБОН и ќе ги применат сите санкции во резолуциите на Советот за безбедност 1696, 1737, 1747, 1803, 1835 и 1929.“

„Слабиот напредок на Иран во исполнувањето на своите обврски од Заедничкиот сеопфатен акционен план и фактот дека Советот за безбедност не ги продолжи санкциите за оружје наметнати врз Иран и кои се во сила веќе 13 години, ги принудија САД да донесат ваква одлука. Неработењето на Советот за безбедност ќе му го отвори патот на Иран на 18 октомври да купи конвенционално оружје. САД ги презедоа потребните чекори за да не се случи тоа“, наведе Помпео.

Шефот на Стејт департментот, исто така, ги повика сите земји во ОН да се придржуваат до новите одлуки за санкциите и нагласи дека покрај ембаргото за оружје, вклучена е и забраната на иранските активности, како збогатување и преработка на ураниум, прекинување на тестирањата на балистички ракети и развој или пренос на сродни технологии.

Предупреди дека доколку земјите од ОН не се придржуваат до тоа и соработуваат со Иран за наведените прашања, тие исто така ќе воведат санкции и кон тие земји.

„Повторното спроведување на санкциите се однесува на меѓународниот мир и безбедност. Нуклеарниот договор од 2015 година не го поттикна Иран да се придружи кон меѓународната заедница како што беше ветено. Наместо тоа, мулите го искористија своето богатство за зголемување на убивањето и уништувањето во Јемен, Ирак, Либан и Сирија, што беше предвидлив резултат“, тврди Помпео.

Американската администрација во мај 2018 година еднострано се повлече од договорот потпишан во 2015 година, по што започна да воведува санкции за Техеран.

Иран во јули 2019 година објави дека нема да се придржува до одредени точки од договорот, а на 5 јануари 2020 година властите соопштија дека земјата нема да се придржува до никакви ограничувања кога станува збор за збогатување на ураниумот, складирање на збогатениот ураниум и истражување и развој на нуклеарната програма.

Иранските власти претходно изразија подготвеност да се вратат на договорот во случај на укинување на санкциите.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın