МОСКВА (АА) - Елена Теслова - Руските експерти сметаат дека приближувањето и соработката на Анкара и Москва даде сериозно забрзување во решавањето на кризата во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во главниот град на Казахстан, Астана, планирано е да се одржат сириските преговори. Во врска со овие средби, дописникот на АА разговараше со руски експерти, кои истакнаа дека за првпат директно на преговарачка маса ќе седнат завојуваните страни во Сирија, силите на режимот на Асад и опозициските сили, што претставува значаен чекор во решавањето на граѓанската војна во Сирија.
Борис Долгов, висок аналитичар од Институтот за арапски и ориентални студии при Руската академија, истакна дека благодарение на напорите на Турција, на преговарачка маса ќе седнат групите што војуваат на теренот во Сирија. „Средбите во Астана нема да бидат лесни. Но сме биле сведоци на слични кризи коишто успешно биле решени“, рече Долгов.
Долгов изјави: „Во Астана за првпат ќе бидат остварени директни средби на режимот на Сирија и вооружените опозициски сили. Тоа е сериозен напредок, кој немаше да биде возможен без Турција. Турција добро ја знае логиката на завојуваните страни, што сакаат и кои отстапки се подготвени да ги направат“.
- Соработката меѓу Анкара и Москва дава впечатливи резултати -
Јелена Супонина, советник на претседателот на Институтот за стратешки истражувања на Русија и експерт за Блискиот Исток, рече дека по приближувањето на позициите на Турција и Русија околу прашањето за Сирија, забрзан е процесот за воспоставување прекин на огнот и преговори за Сирија. „По договорот меѓу Анкара и Москва, за рекордно кус период се постигнати впечатливи резултати. Турција е единствена земја што може вооружените сили на опозицијата да ги донесе на преговарачката маса. Во процесот во Астана ќе се остварат голем број средби, и ќе трае долг период”.
Супонина рече дека прекинот на огнот во Сирија има кршлива структура и затоа Русија бара средбите во Астана да започнат во предвиденото време, истакнувајќи дека е потребно колку што е можно побрзо да се премине во фазата на преговори, додека сѐ уште траат условите на договорот меѓу силите на режимот и опозицијата.
- За првпат ќе се сретнат завојуваните страни за да го сопрат крвопролевањето -
Претседателот на Заедницата за пријателство и соработка со арапските земји, Вјачеслав Матузов, е оптимист околу средбите во Астана, и додава дека турско-руската соработка се докажа во Алепо. Тој смета дека таа практика ќе ја спроведат на целата територија на Сирија.
Матузов посочи дека завојуваните страни од граѓанска војна во Сирија, која трае веќе 6 години, ќе седнат на заедничка маса. „Страните за првпат ќе се сретнат за да го сопрат крвопролевањето. Ова е тежок период. Покрај Турција и Русија, потребно е да се вложат напори и од страна на Иран, САД и од останатите регионални држави. Алепо е пример во кој благодарение на поддршката што ја даде Турција, беа постигнати значајни резултати”, рече Матузов.
news_share_descriptionsubscription_contact
