Burç Eruygur
07 Август 2024•Ажурирај: 07 Август 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Русија денес соопшти дека 24 лица се повредени во украинските напади што во текот на вчерашниот ден беа извршени во руската област Курск, јавува Анадолу.
„Како резултат на гранатирање… во регионот Курск, 24 лица, меѓу кои шест деца, се повредени и трауматизирани“, изјави за новинарите заменик-шефот на Министерството за здравство, Алексеј Кузњецов.
Тој рече дека 13 лица, меѓу кои три деца, се хоспитализирани, додавајќи дека едно лице е во тешка состојба.
Кузнецов рече дека е пратен тим од медицински специјалисти за поддршка на медицинските работници во регионот.
Русија вчера потврди дека речиси 300 украински војници, вклучително 11 тенка и повеќе од 20 оклопни борбени возила, ги нападнале нејзините воени позиции во близина на две гранични населби во непосредна близина на украинскиот регион Суми.
Министерството за одбрана, исто така, рано утринава потврди дека соборило четири украински беспилотни летала над регионот Курск.
Подоцна Министерството соопшти дека судирите меѓу нивните војници и украинските сили продолжиле во текот на ноќта, тврдејќи дека руските сили не ѝ дозволиле на Украина да напредува „длабоко на територијата на Руската Федерација“.
Најмалку пет лица загинаа од почетокот на судирите во Курск, според изјавите на вршителот на должноста гувернер на регионот, Алексеј Смирнов.
Смирнов, исто така, рече дека ситуацијата во регионот е „под контрола“ и дека е организирана евакуација на жителите од областите во близина на границата.
Украинските власти сè уште не ги коментираа тврдењата на Русија, а тешко е да се направи независна проверка поради тековната војна.