Emre Aytekin
08 Јули 2021•Ажурирај: 09 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Русија предложи да испрати вакцини на Северна Кореја, која ги затвори границите поради пандемијата на коронавирусот и која истовремено се соочува со опасност од глад, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според порталот „НК њуз“ (Nknews.org), рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, за новинарите изјави дека персоналот на Руската амбасада е во контакт со претставниците на Северна Кореја.
„Многупати кажавме дека сме подготвени да помогнеме доколку е потребно. Тоа, секако, се однесува и на вакцини и медицински материјали.“
Тој потсети дека Северна Кореја од почетокот на пандемијата потполно се изолира од надворешниот свет за да го спречи ширењето на Ковид-19.
Руската амбасада во Пјонгјанг во април предупреди дека ќе биде невозможно да се живее во Северна Кореја под толку строги ограничувања.
Амбасадата, исто така, сврте особено внимание на недостигот на медицинска опрема.
Обединетите нации вчера објавија дека оваа година во Северна Кореја недостигаат околу 860.000 тони храна.