Dmitri Chirciu
24 Мај 2023•Ажурирај: 25 Мај 2023
МОСКВА (АА) - Гувернерот на руската област Белгород, Вјачеслав Гладков, соопшти дека тој регион бил цел на повеќекратни напади со беспилотни летала, пренесува Анадолу.
Гладков на својот профил на социјалната мрежа Твитер објави дека изминатата ноќ не била мирна во Белгород.
„Со дронови беа извршени многу напади. Многу од нив се погодени од системите за противвоздушна одбрана, но причинета е штета во Белгород“, рече Гладков.
Тој соопшти дека од последиците на нападите избувнал пожар на гасоводот во градот Грајворон.
„Во нападите се ранети 9 лица и сѐ уште се во болниците. Повеќе од 550 луѓе се наоѓаат во центрите за привремено сместување во Грајворон. Откако безбедносните сили ќе го исчистат подрачјето, тие ќе можат да се вратат во своите домови“, соопшти Гладков.
На почетокот од неделата соопштено е дека диверзантски групи на украинската војска влегле во областа Белгород и дека во регионот е прогласена ситуација на „антитерористички операции“.
Министерството за одбрана на Русија соопшти и дека диверзантската група која влегла во регионот е поразена и повеќе од 70 милитанти се неутрализирани.