Erbil Başay
01 Февруари 2020•Ажурирај: 02 Февруари 2020
БЕРЛИН (АА) - Русија не му дозволи на германскиот воен авион, што превезуваше германски државјани евакуирани од Кина, да слета на аеродромот во Москва за полнење гориво и замена на екипажот, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Германските државјани се евакуирани од кинескиот град Вухан поради епидемијата на коронавирусот“, потврди германската министерка за одбрана, Анегрет Крамп-Каренбауер.
Како што рече, авионот е пренасочен кон Хелсинки, од каде што ќе слета на аеродромот во Франкфурт.
Наведувајќи дека Русија дала дозвола за летање над земјата, Крамп-Каренбауер напомена дека Русија не дозволила слетување на московскиот аеродром, иако авионот имал таква намера.
Германската министерка за одбрана изјави дека идната недела ќе ги процени причините за недостатокот на капацитет на московскиот аеродром, што ги навела руската страна.
Се очекува авионот со 120 лица, меѓу кои околу 90 германски државјани, во попладневните часови да слета во Франкфурт.
Билансот на починати во епидемијата на смртоносниот коронавирус во Кина порасна на 259 лица.
Националната здравствена комисија на Кина соопшти дека се потврдени 11.791 случај на новооткриениот коронавирус (2019-nCoV). Во критична состојба се 1.795 лица.
Наведено е дека постои сомнение дека 17.988 лица се заразени со вирусот. Досега од болница отпуштени се 243 лица. Во последните 24 часа од последици од коронавирусот починаа 46 лица, најголем број на подрачјето на Хубеи.
Десетици случаи на зараза со коронавирусот се потврдени во Тајланд, Јапонија, Сингапур, Австралија, Малезија, САД, Франција, Германија, Северна Кореја, Јужна Кореја, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Канада, Виетнам, Италија, Непал, Камбоџа, Шри Ланка, Финска и Индија.
Опасниот коронавирус за првпат се појави во кинескиот град Вухан, а Одборот за вонредни состојби при Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи епидемијата на коронавирусот како вонредна состојба од глобално значење. Одлуката ја соопшти генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, во седиштето на здравствената агенција на ОН во Женева.