Burç Eruygur
02 Април 2025•Ажурирај: 03 Април 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Русија и Украина денес повторно разменија обвинувања за прекршување на договорот, за кој посредуваа САД, за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура што беше постигнат по разговорите во Саудиска Арабија, јавува Анадолу.
Минатиот месец САД посредуваа во два договора меѓу Русија и Украина – еден за „осигурување безбедна пловидба“ по Црно Море и друг за 30-дневен прекин на нападите врз енергетската инфраструктура.
Сепак, двете страни често се обвинуваат меѓу себе за прекршување на овој договор.
„Уште еден бран намерни напади врз енергетски објекти – беспилотно летало погоди трафостаница во регионот Суми, а во Никопол, регионот Днипро, од артилериски оган беше оштетен далновод“, истакна украинскиот претседател Владимир Зеленски преку социјалната мрежа X.
Тој нагласи дека речиси 4.000 потрошувачи во двата региона останале без струја поради нападите и повторно повика на „нов и опиплив притисок врз Русија за да се стави крај на оваа војна“.
„Овој систематски и постојан карактер на руските напади јасно покажува дека Москва ги презира дипломатските напори на партнерите. (Рускиот претседател Владимир) Путин не сака ни делумен прекин на огнот“, изјави Зеленски.
Тој побара итни чекори: „Не треба да чекаме до 11 април кога ќе се наврши еден месец откако Русија рече ‘не’ на американскиот предлог за прекин на огнот.“
„Подготвени сме да соработуваме со сите наши партнери во САД, Европа и целиот свет на најконструктивен начин за да го постигнеме овој многу потребен резултат – достоинствен и траен мир“, додаде тој.
Украинските воздухопловни сили на Телеграм објавија дека нивната противвоздушна одбрана соборила 41 од 74 беспилотни летала што Русија ги лансирала во текот на ноќта.
Русија првично не ги коментираше овие обвинувања, но подоцна нејзиното Министерство за одбрана ја обвини Украина дека извршила два напада врз енергетската инфраструктура во пограничниот регион Курск во текот на изминатиот ден.
Во соопштението се наведува дека нападите на Киев предизвикале прекини во снабдувањето со електрична енергија за повеќе од 1.500 потрошувачи во централниот реон Курск.
Претходно Министерството соопшти дека руската противвоздушна одбрана пресретнала 93 украински беспилотни летала во текот на ноќта, а 87 биле соборени над регионот Курск.