Dmitri Chirciu
03 Февруари 2022•Ажурирај: 09 Февруари 2022
МИНСК (АА) - Министерот за одбрана на Руската Федерација, Сергеј Шојгу, изјави дека таа земја оваа година со Белорусија ќе изврши повеќе од 20 заеднички воени вежби, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шојгу во Минск беше примен од белорускиот претседател Александар Лукашенко, а по средбата рускиот министер изјави дека Русија ѝ испорачала на Белорусија војници и опрема потребни за вежбата „Сојузничка определба 2022“, која ќе се одржи од 10 до 20 февруари.
„Потоа следува воената вежба „Исток-2022“. Оваа година ќе спроведеме повеќе од 20 заеднички воени вежби“, рече Шојгу.
Белорускиот претседател Лукашенко изјави дека воените вежби имаат за цел зајакнување на границите со Украина.
„Ситуацијата е сѐ понапната. Принудени сме да реагираме“, рече Лукашенко.
Нагласувајќи дека Белорусија планира да купи оружје и опрема доставени од Русија за воени вежби, Лукашенко рече дека е подготвен да изгради центри за воена обука со руска поддршка.
Истовремено, Министерството за одбрана на Белорусија соопшти дека во таа земја се испорачани руски противвоздушни системи С-400, кои ќе бидат употребени во следните воени вежби.
Во соопштението се наведува дека системите ќе бидат инсталирани и користени во вежби на воените полигони за обука во регионот Брест.