свет

Русија ги суспендира американските инспекции на својот нуклеарен арсенал според договорот Њу СТАРТ

Првиот Договор за намалување на стратешкото оружје, СТАРТ I, беше потпишан во 1991 година меѓу САД и СССР во време кога имаше илјадници нуклеарни боеви глави, и стапи на сила во 1994 година

Dmitri Chirciu  | 09.08.2022 - Обновена : 10.08.2022
Русија ги суспендира американските инспекции на својот нуклеарен арсенал според договорот Њу СТАРТ

МОСКВА (АА) - Русија вчера ги информира Соединетите Американски Држави (САД) дека привремено ги суспендира американските инспекции на локациите за нуклеарно оружје според Договорот за натамошно намалување и ограничување на стратешкото офанзивно оружје (Њу СТАРТ) од 2010 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„На 8 август 2022 година, Руската Федерација официјално ги информираше САД преку дипломатски канали дека нашата земја привремено ги ослободува своите објекти од инспекциски активности според договорот Њу СТАРТ“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека суспендирањето исто така опфаќа „објекти кои можат да се користат за демонстрирање според договорот“.

Во соопштението се нагласува дека мерките имаат привремен карактер.

Се додава дека исклучоците веднаш ќе бидат укинати во случај на „решавање на постоечките проблеми и прашања во врска со продолжувањето на инспекциските активности според договорот“.

Првиот Договор за намалување на стратешкото оружје, СТАРТ I, беше потпишан во 1991 година меѓу САД и СССР во време кога имаше илјадници нуклеарни боеви глави, и стапи на сила во 1994 година.

Во 2010 година, поранешниот американски претседател Барак Обама и поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев потпишаа договор наречен Њу СТАРТ со кој се постави ограничување од не повеќе од 1.550 распоредени боеви глави и 700 проектили, вклучително и инспекции за да се потврди почитувањето на договорот.

Неколку дена пред да истече, на 5 февруари 2021 година, двете земји се согласија да го продолжат за уште пет години.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.