İlker Girit
26 Декември 2017•Ажурирај: 27 Декември 2017
МОСКВА (АА) - Рускиот заменик министер за надворешни работи, Михаил Богданов денес изјави дека Сирискиот конгрес за национален дијалог, кој треба да заседава во Русија, би требало да се одржи под покровителство на ОН, пренесува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи за новинската агенција „РИА Новости“, Михаил Богданов, изјави дека сите чекори потребни за решавање на сириската криза треба да бидат преземени во согласност со резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН.
Богданов ги повика сите страни кои се вклучени во сириската криза да го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на таа земја.
Рускиот град Сочи е местото каде што на 29. и 30. јануари ќе се одржи Сирискиот конгрес за национален дијалог, со планирано учество на речиси 1.700 лица.
Претседателите на Турција, Русија и на Иран се состанаа на 22 ноември во Сочи, за да разговараат во врска со постигнатиот напредок на мировните преговори во Астана и за измените во зоните без судири ширум Сирија.
Реџеп Таип Ердоган, Владимир Путин и Хасан Рохани, се согласија Сирискиот конгрес за национален дијалог да биде одржан во Сочи.
Сирија е зафатена од жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост врз учесниците на продемократските протести.
Оттогаш, според ОН, во Сирија се убиени над 250.000 лица, а над 10 милиони лица се раселени.