Ömer Tuğrul Çam
14 Јуни 2022•Ажурирај: 15 Јуни 2022
БРИСЕЛ (АА) - Во Европа е зголемена разновидноста на синтетички дроги, а речиси секоја недела се лансира нов вид дрога, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Европскиот мониторинг-центар за дроги и зависности од дроги (EMCDDA) го објави „Европскиот извештај за дроги 2022“, што опфаќа 27 земји членки на ЕУ, Туркије (Турција) и Норвешка.
Директорот на Европскиот мониторинг-центар за дроги и зависности од дроги (EMCDDA), Алексис Гусдел, во своето излагање преку видеоконференција по повод објавувањето на извештајот нагласи: „Секоја недела откриваме нов вид дрога на пазарот на дроги. Секоја недела на европскиот пазар се наоѓа нов вид дрога којшто досега не е виден.“
Наведувајќи дека стапката на употреба на дрога се зголемила во 2022 година, на ниво како што беше пред епидемијата на Ковид-19, Гусдел рече: „Дрогата сега ја има насекаде. Дрогите никогаш порано не биле толку достапни во ЕУ.“
Привлекувајќи внимание и на дигитализацијата на пазарот на дроги, Гусдел посочи дека има зголемување на продажбата на овие супстанции преку интернет и дека е важно тоа да се следи многу внимателно.
- Војната во Украина ја смени рутата на дрогата
Нагласувајќи дека војната меѓу Украина и Русија влијаела и на наркопазарот, Гусдел рече дека „северната рута“ што се користи за носење дрога од Авганистан во Европа веќе не е возможна за шверцерите.
„Можеме да кажеме дека овие рути почнуваат да се менуваат. Почна да се зголемува притисокот на рутата Туркије - Грција и Туркије - Бугарија. Мислам дека во опасност се и грчките острови и морскиот пат на југот на Медитеранот“, рече Гусдел.
Тој ја истакна важноста на тоа ЕУ да соработува со Туркије, која е членка на Европскиот мониторинг-центар за дроги и зависности од дроги (EMCDDA), со цел да се одговори на трговијата со дрога на оваа рута.
- Синтетичките дроги се во пораст
Во „Европскиот извештај за дроги 2022“ се предупредува дека во Европа се зголемува производството на синтетички дроги.
Во извештајот се наведува дека во Европа во 2020 година откриени се 350 лаборатории во кои се произведувале синтетички дроги, како што се амфетамин и метамфетамин.
Исто така се додава дека супстанциите што се користат во производството на дрога сè уште во европските земји најмногу доаѓаат од Азија и Јужна Америка.
Меѓу другото, се нагласува дека лабораториите за дрога во последните години станале професионални капацитети, а најмногу лаборатории во Европа се регистрирани во Белгија и Холандија.
- Туркије заплени речиси 3 пати повеќе хероин од ЕУ
Во извештајот наведени се видовите и количините дрога запленети во 27 земји членки на ЕУ, Туркије и Норвешка.
Според овој извештај, во Туркије запленет е 3 пати повеќе хероин од тоа што е запленет низ ЕУ. Во ЕУ запленет е 5,1 тони хероин, додека во Туркије запленети се 13,3 тони хероин.
Таблетите со синтетичка дрога, познати како МДМА, исто така главно се запленети од страна на Туркије. Безбедносните сили во Туркије заплениле 11 милиони таблети, додека органите на редот во ЕУ заплениле 4,7 милиони таблети.
Најмногу кокаин е запленет во Белгија и Холандија, додека најмногу амфетамин е запленет во Италија.