Elena Teslova
17 Септември 2022•Ажурирај: 19 Септември 2022
МОСКВА (АА) - Туркије е сигурна рута за испорака на гас од Русија, изјави рускиот претседател Владимир Путин, јавува Агенција Анадолија (АА).
За време на состанокот со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на маргините на Самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во градот Самарканд, Узбекистан, Путин му се заблагодари на Ердоган за постигнувањето договор за извоз на жито од Украина.
Тој, исто така, изрази надеж дека украинското жито ќе стигне до најсиромашните земји.
„Оваа цел сè уште не е постигната“, нагласи Путин.
Истакна дека Русија добила позитивни сигнали за можна испорака на руско жито преку турските пристаништа.
Путин, исто така, рече дека Москва и Анкара потпишале завршни документи во контекст на изградбата на нуклеарната централа „Акују“ во Туркије и изрази надеж дека централата ќе биде пуштена во функција во 2023 година, како што е планирано.
Додаде дека Русија и Туркије блиску ги координираат ставовите за меѓународните прашања, додавајќи дека Москва ја поздравува работата на Анкара и во Шангајската организација за соработка.
Во Самарканд, Узбекистан, вчера се одржа 22. состанок на претседатели на држави на Шангајската организација за соработка (ШОС).
Самитот започна во конгресниот центар во Самарканд, а домаќин беше претседателот на Узбекистан, Шавкат Мирзијоев.
На состанокот присуствуваа челниците на земјите членки, меѓу кои и претседателот на Русија, Владимир Путин, на Кина, Си Ѓинпинг, на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, на Киргистан, Садир Жапаров, на Таџикистан, Емомали Рахмон, премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф, и премиерот на Индија, Нарендра Моди.
На средбата присуствуваа и лидерите на земјите набљудувачи, претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, претседателот на Монголија, Ухнагин Курелсух, претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, а поканети беа и претседателите на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, на Туркменистан, Сердар Бердимухамедов, и на Азербејџан, Илхам Алиев.