Elena Teslova
22 Август 2019•Ажурирај: 23 Август 2019
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави декa Русија го смета неодамнешното тестирање на ракетата од страна на Соединетите Американски Држави (САД) за нова закана на која земјата треба да одговори соодветно, јавува Anadolu Agency (AA).
Пентагон во понеделникот соопшти дека Армијата спровела тестирање на крстосувачкиот проектил „Томахавк“, односно верзијата за лансирање од копно.
Зборувајќи на прес-конференција во Хелсинки, Путин нагласи дека САД направиле одредени измени на проектилот „Томахавк“ со ланирање од море, за копнени лансирања, кои можат да бидат спроведени од системите „Mk-41“ распоредени во Романија, и според тоа можат да стигнат до руската територија.
„Овие проектили можат да бидат лансирани од лансери кои веќе се лоцирани во Романија и треба да бидат поставени во Полска во блиска иднина. Доволно е само да се промени софтверот (за нов тип на лансирање). За нас, ова значи дека постои нова закана на која мора да се одговори соодветно“, изјави тој.
Преку соопштение, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека американското ракетно тестирање ја потврдува долгогодишната загриженост и апелирање на Москва, дека системите „Mk-41“ не само што можат да бидат користени за ракетни пресретнувања, туку исто така и за нивно лансирање, со што САД го прекршиле Договорот за нуклеарни сили од среден дострел (INF) со нивното распоредување во Европа.
„Пред некој ден, таквиот систем е користен за тестирање на производот, со што е прекршен ИНФ Договорот, а тој систем во Романија е поставен веќе низа години“, рече Лавров на прес-конференција во Москва.
На 2 август, САД официјално се повлекоа од нуклеарниот пакт, по повеќемесечната вербална војна меѓу Москва и Вашингтон.
Договорот беше потпишан во 1987 година од страна на тогашниот советски лидер Михаил Горбачов и американскиот претседател Роналд Реган, со што се намалија шансите за нуклеарна војна во Европа.
Во рамките на Договорот, двете страни ја уништија целата класа ракети со среден и краток дострел во период од четири години.