свет

Путин: „Сите кои ќе ја провоцираат Русија ќе се каат како што долго за ништо друго не се покајале“

Рускиот претседател истакна дека содржината и смислата на руската политика на меѓународната сцена се креирани со цел стабилен економски раст и просперитет и безбедност на граѓаните

Dmitri Chirciu, Ali Cura  | 21.04.2021 - Обновена : 22.04.2021
Путин: „Сите кои ќе ја провоцираат Русија ќе се каат како што долго за ништо друго не се покајале“

МОСКВА (АА) - Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, изјави дека земјата остро ќе одговори на сите оние кои руската намера да гради добри односи со сите актери од меѓународната заедница се обидуваат да ја искористат како нејзина слабост, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Сите што ќе ја провоцираат Русија ќе се каат како што долго време за ништо друго не се покајале“, порача Путин во своето годишно обраќање пред Парламентот и членовите на Владата во Саемската сала „Манеж“ во Москва.

Путин рече дека содржината и смислата на руската политика на меѓународната сцена се креирани со цел стабилен економски раст и просперитет и безбедност на граѓаните.

„Русија има свои интереси. Тие интереси ги штитиме и браниме во рамките на меѓународното право. Истото го прават и другите земји во светот. Ако некој не сака да го разбере тоа и да воспостави дијалог, туку се одлучи за говор со себичен и арогантен тон, Русија секогаш ќе пронајде некој пат да ја заштити својата позиција“, порача Путин.

Истакнувајќи дека некои земји наметнуваат незаконски санкции и се обидуваат насила да наметнуваат свои решенија, Путин предупреди дека тоа е многу опасна практика.

Потсетувајќи дека неодамна е спречен воен удар во Белорусија, рускиот претседател Путин рече дека Западот не ги осудува ни ужасните случувања од ваков вид, ниту воопшто ги забележува таквите нешта.

Путин понатаму рече дека го одбил предлогот на западните колеги за воспоставување дијалог на полето на информациската и кибербезбедноста и додаде дека кон Русија се преземени чекори кои не се од пријателски карактер.

„Во некои земји, без причина, е создадена неморална традиција против Русија. Тоа стана како спорт во кој луѓето се натпреваруваат кој ќе вика погласно“, рече Путин.

Рускиот претседател тврди дека Русија сака да гради добри односи со сите во меѓународната заедница, вклучително и со оние со кои тие односи не се добри.

„Навистина не сакаме да рушиме мостови. Меѓутоа, Русија ќе одговори асиметрично, брзо и остро на сите кои нашата добра намера ќе ја сфатат како слабост и ќе имаат намера да ги срушат мостовите“, порача Путин.

Нагласувајќи дека Русија има свои црвени линии, Путин рече дека земјата своите одлуки ги носи со голема трпеливост, одговорност, професионалност, самодоверба и толеранција.

„Меѓутоа, се надевам дека никој не помислува да ја премине црвената линија во односите со Русија“, рече Путин.

Во продолжение на обраќањето Путин рече дека Русија вложувала значително во зајакнување на капацитетот и подготвеноста на Руската армија и најави продолжување на тој процес.

„Уделот на современото оружје и опрема во воените единици до 2024 година ќе биде на ниво од 76 отсто. Тоа е многу добар показател“, рече Путин, и додаде дека руските суперсонични и интерконтинентални ракети „Авангард“ со боева глава и ласерските системи „Пересвет“ се спремни за користење.

Пофалувајќи се дека руската војска го зголемила бројот на авиони и бродови опремени со хиперсоничните ракети „Кинијал“ и наведуваните проектили „Калибар“, Путин рече дека Русија е лидер во развојот на оружје од новата генерација и нуклеарното оружје.

„Во тој контекст, Русија на сите партнери уште еднаш им нуди консултации во врска со стратешкото оружје и воспоставување глобална безбедност. Целта на таквите консултации не мора да биде само традиционалното стратешко оружје, балистичките ракети, бомбардерите и подморниците, туку воедно може да ги опфати и сите одбранбени системи и така врз база на безбедносната рамнотежа да се создаде животен простор без судири“, рече Путин.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın