МОСКВА (АА) - Наметнувањето санкции на Западот кон Москва е како објава на војна, изјави денес рускиот претседател Владимир Путин, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на состанокот со жените вработени во одредени руски авиокомпании во пресрет на Меѓународниот ден на жената 8 Март, Путин рече дека многу проблеми со кои се соочува Русија се средства за борба против земјата.
„Голем дел од она што се случува, она со што се соочуваме, се начини на борба против Русија. Санкциите што се наметнуваат се слични како објавување војна, но, фала му на Бога, сè уште не е дојдено до тоа“, рече тој.
Путин предупреди дека секој обид за воведување зона на забранети летови над Украина ќе значи приклучување кон конфликтот.
„Сега слушаме дека е неопходно да се воспостави зона на забранети летови над територијата на Украина. Невозможно е да се направи тоа на самата територија на Украина, можно е само на територијата на некои соседни држави,“ рече Путин и порача:
„Но, секое движење кон оваа насока ќе се смета за учество во вооружениот конфликт на земјата од чија територија ќе се создаваат закани за нашите војници.“
„Веднаш ќе ги сметаме за учесници во воениот конфликт, и не е важно во кои организации се членки“, нагласи тој.
Путин повтори дека Русија не може да „помине покрај“ изјавите на украинските претставници за нивните намери за развивање нуклеарно оружје, истакнувајќи дека нивниот сосед може брзо да стане нуклеарна сила со советското наследство и со помошта на Западот.
„Украина има нуклеарна способност уште од советско време. А што се однесува до збогатувањето и нуклеарните елементи, тие можат да ја организираат оваа работа. Освен тоа, Киев има и ракетна способност. И на тоа поле, оние од преку океанот исто така ќе помогнат.
„Бараме демилитаризација на земјата, бидејќи сакаме јасно и експлицитно да знаеме кое оружје каде се наоѓа, под каква контрола“, рече тој.
Понатаму во својот говор рускиот претседател нагласи дека намерата на Украина да се приклучи кон НАТО може исто така да доведе до тешки последици.
„Целите на руската операција во Украина се денацификација и демилитаризација на земјата, давајќи ѝ неутрален статус. Зошто неутрален статус? Затоа што ако има неутрален статус тогаш нема да се приклучи во НАТО“, рече тој.
Ако Украина беше нуклеарна сила и членка на НАТО, на Алијансата немаше да ѝ требаат балистички ракети против Русија, таа ќе ја држеше Русија под нуклеарен нишан токму на сопствената граница, рече Путин.
„Целите за демилитаризацијата“, додаде тој, „се речиси постигнати бидејќи магацините со оружје, муниција, авијација и системи за противвоздушна одбрана се речиси уништени.“
- Путин повика на решавање на прашањето за странците приведени во Украина -
Рускиот претседател изјави дека Русија осум години се обидува мирно да го заврши конфликтот во Донбас и дека барањата на отцепените региони „не се големи“.
Тој, исто така, нагласи дека мерките преземени против нив се премногу тешки и упати критики кон западните земји што не ги забележале проблемите на луѓето што живеат во Донбас речиси цела деценија.
Во предвечерието на започнувањето на војната против Украина минатата недела, Русија призна за независни држави две енклави под контрола на сепаратистите во украинскиот регион Донбас.
За евакуацијата на цивилите, Путин рече дека Русија веднаш се согласила со предлогот на Украина да се организираат хуманитарни коридори во градовите Мариупол и Волноваха, но дека на цивилите не им било дозволено да си заминат.
„Видете што се случува – никој не смее да замине. Тие се покриваат со жив штит. Кои се тие според тоа? Се разбира, неонацисти“, рече тој.
Путин исто така изјави дека околу 6.000 странски студенти се држат на железничката станица во украинскиот град Харков, нарекувајќи ги „заложници“.
Додаде дека Русија ги информирала украинските власти, западните лидери и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за странските студенти приведени од украинската војска, но рече дека досега не се преземени чекори за решавање на проблемот, туку дека се дадени само усни ветувања.
Рускиот претседател, исто така, рече дека руската војска забележала милитанти од Блискиот Исток и од некои европски земји во Украина.
Путин ја објасни и својата одлука да ги стави руските нуклеарни сили во состојба на висока готовност, истакнувајќи дека тоа било резултат на изјавата на британската министерка за надворешни работи Елизабет Трас, која истакна дека НАТО учествува во конфликтот во Украина.
Путин негираше дека Русија ќе воведе воена состојба, велејќи дека таа се воведува во земјата со претседателски декрет во случај на агресија однадвор.
„Но, ние немаме таква ситуација и се надевам дека нема ни да имаме“, рече тој.